Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е можно рускиот претседател Владимир Путин „малку“ да му помага на Иран во конфликтот со Соединетите Американски Држави и Израел.
„Мислам дека можеби малку им помага, претпоставувам, а тој веројатно мисли дека ние ѝ помагаме на Украина, нели?“ изјави Трамп во радиоинтервју за Fox News, пренесува германската агенција DPA. Со ова тој индиректно призна дека САД ја поддржуваат Украина.
Неколку медиуми претходно објавија дека Русија му испраќа информации на Иран за американските сили и потенцијалните цели на Блискиот Исток.
Американските медиуми CNN и The Washington Post известија дека Москва му доставува на Техеран детали за локациите и движењето на американската војска, бродови и авиони.
Специјалниот американски пратеник Стив Виткоф, кој ја предводи американската делегација во разговорите со Москва и Киев со цел да се стави крај на војната во Украина, во последно време неколку пати беше прашан за овие информации.
Виткоф изјави дека САД ја информирале Русија дека не треба да му доставува разузнавачки воени податоци на Иран. Тој додаде дека руските претставници во телефонски разговор го увериле Трамп дека нема да споделуваат разузнавачки информации со Техеран.