Американскиот претседател Доналд Трамп разгледува можност за ограничен воен удар врз Иран со цел да го принуди Техеран да прифати нов нуклеарен договор, објави The Wall Street Journal, повикувајќи се на информирани извори.
Според весникот, евентуалниот почетен удар би бил насочен кон неколку воени или државни цели во Иран и би можел да биде изведен во наредните денови доколку претседателот даде наредба. Изворите наведуваат дека станува збор за прва фаза, со цел да се изврши притисок врз Техеран без да се предизвика сеопфатен конфликт.
Доколку Иран одбие да го исполни барањето за запирање на збогатувањето ураниум, САД би можеле да преминат кон поширока воена кампања насочена кон објекти на режимот, пишува весникот. Се разгледуваат повеќе опции – од ограничени напади до поширока операција.
Трамп изјави дека во рок од околу две недели ќе донесе одлука за следните чекори кон Иран, додавајќи дека „ќе постигнеме договор, на овој или оној начин“. Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, одбила да коментира за конкретни планови, наведувајќи дека одлуката е во надлежност на претседателот.
Во меѓувреме, според извештајот, САД продолжуваат со воено засилување во регионот. Во близина на Иран се распоредуваат борбени авиони Ф-35 и Ф-22, а кон регионот се движи и дополнителен носач на авиони со придружна опрема. Дополнително, се испраќаат и командни и системи за противвоздушна одбрана.
Од иранска страна, официјални претставници предупредиле дека ќе одговорат на евентуален напад. Врховниот лидер Али Хамнеи изјавил дека Иран може да возврати на американска акција.
На дипломатски план, во текот на неделата се одржале средби меѓу високи американски и ирански претставници. Вашингтон бара целосен прекин на иранската нуклеарна програма, ограничувања на балистичките ракети и прекин на поддршката за регионалните сојузници на Техеран. Иран ги отфрлил овие барања и повторил дека неговата нуклеарна програма има мирољубив карактер.
Според изворите цитирани од The Wall Street Journal, одлука за евентуален удар сè уште не е донесена. Разговорите во Вашингтон продолжуваат, паралелно со дипломатските контакти и воените подготовки во регионот.