Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран е „жестоко нападнат“ и дека денеска се очекуваат уште посилни удари.
Во објава на својата социјална мрежа Truth Social, Трамп тврди дека Техеран бил принуден да попушти под притисокот од американските и израелските напади.
Тој посочи дека Иран се извинил на соседните земји на Блискиот Исток и ветил дека повеќе нема да ги напаѓа.
„Ова ветување е дадено само поради непрекинатите американски и израелски напади“, напиша Трамп.
Во објавата тој користеше остра реторика, оценувајќи дека Иран, кој порано бил „насилник на Блискиот Исток“, сега станал „губитник во регионот“.
Трамп најави и можност за нови напади, наведувајќи дека се разгледува гаѓање дополнителни цели кои досега не биле на списокот на мети.
„Поради лошото однесување на Иран, сериозно се разгледува целосно уништување на одредени области и групи кои досега не биле разгледувани како цели“, напиша тој.
Изјавите на Трамп доаѓаат откако иранскиот претседател Масуд Пезешкијан најави дека привременото раководство на Иран одлучило да ги прекине нападите врз соседните земји, освен ако нападите врз Иран не доаѓаат од нивна територија.
Во меѓувреме, Иранската револуционерна гарда предупреди дека сите американски и израелски воени бази и интереси во регионот ќе бидат сметани за примарни цели доколку нападите врз Иран продолжат.