Најмалку 37 рудари загинаа, а уште 25 се хоспитализирани по труење со јаглерод моноксид во рудник во нигериската сојузна држава Плато јавува Reuters, повикувајќи се на полициски извори и безбедносен извештај.
Трагедијата се случила рано утрото, околу 5:45 часот, во рударско окно во местото Кампани, во областа Васе.
Смртоносен гас во напуштено окно
Нигерискиот министер за развој на цврсти минерали, изјави дека станува збор за напуштено наоѓалиште на олово, каде складираните минерали испуштале отровни гасови.
Според неговите зборови, локални жители, несвесни за опасноста, влегле во тунелот за да ископуваат руда и при тоа вдишале смртоносен гас.
Прелиминарните резултати од истрагата потврдиле дека жртвите, на возраст од 20 до 35 години, починале од последици на вдишување токсичен гас додека работеле под земја
Итна обустава на рударските активности
По несреќата, министерот Алаке наредил затворање на рударското подрачје опфатено со лиценцата 11810, со кое управува компанијата Solid Unit Nigeria Limited.
Федералната влада, исто така, наложила итна обустава на сите рударски активности во погодената област сè додека не заврши истрагата.
Владата на сојузната држава Плато соопшти дека постои страв од поголем број жртви, без да наведе конечна бројка, и потврди дека преживеаните се на лекување во блиските болници. Безбедносните сили го обезбедија местото на несреќата за да спречат понатамошен пристап.
Чести несреќи во нелегални рудници
Несреќите во рудници се честа појава во Нигерија, каде голем број рудници работат нелегално, со минимални безбедносни мерки и без соодветна заштитна опрема за работниците.
Оваа трагедија повторно го отвора прашањето за безбедноста во рударскиот сектор и потребата од построги контроли и регулативи.