Во голема меѓународна акција против трговијата со луѓе и трудовата експлоатација, спроведена во 32 европски земји, идентификувани се 404 потенцијални жртви, а уапсени се 54 лица, соопшти Европол.
Акцијата е дел од EMPACT – заедничките европски денови на дејствување, кои ги предводеа Франција и Холандија со поддршка на Европол и Европската агенција за труд (ELA). Во операцијата учествуваа повеќе од 22.000 службеници — припадници на полицијата, граничните служби, инспекторатите за труд и даночните органи. Проверени беа околу 195.000 лица, возила и локации, при што беа идентификувани 93 осомничени за трговија со луѓе, од кои 92 поради трудова експлоатација.
Во акцијата учествуваа сите 20 полициски управи на Хрватска и инспектори од Државниот инспекторат. На територијата на земјата беа проверени повеќе од 20.000 лица од 54 држави на околу 600 локации. Иако не беа утврдени жртви на трговија со луѓе, кај 29 работодавачи беа откриени 53 работници кои работеле со неправилности во работниот однос — без пријавување, со неисплатени плати или без валидни договори.
Во Шпанија, полицијата спасила непаленски државјанин кој работел во нехумани услови на фарма во Севилја. Во Унгарија биле откриени неколку работници, меѓу кои и малолетник, кои биле принудени да работат без плата и договори на фарми со свињи. Во Украина е спречена експлоатацијата на 13 работници од Узбекистан, а четворица осомничени се уапсени.
Контролите беа спроведени во секторите угостителство, земјоделство, градежништво, преработка на храна, достава и домашна нега. Најчестите неправилности вклучуваат непријавена работа, неисплатени плати, лоши работни и станбени услови и одземање на лични документи на работниците.
Европол истакнува дека резултатите покажуваат колку е важна соработката меѓу полицијата, инспекторатите и даночните институции и дека собраните податоци ќе послужат за понатамошни кривични истраги низ Европа.