Тројца загинати во сообраќајна несреќа во Славонија – меѓу нив и две деца на 8 и 10 години

Во тешка сообраќајна несреќа што се случила синоќа меѓу селата Сатница Ѓаковачка и Потњани, животот го загубиле три лица, од кои две се деца, соопшти хрватската полиција. Две други лица се полесно повредени.

Несреќата се случила на државниот пат D515, на 16 април околу 21:35 часот, кога 44-годишен возач на автомобил со регистрации од Нашице, движејќи се кон Потњани, изгубил контрола врз возилото. Според полицијата, при влегување во благ десен свиок, возачот со тркалата ја зафатил банкната, по што нагло завртел налево. Возилото преминало во спротивната лента и директно се судрило со друго возило со ѓаковачки регистарски таблички, управувано од 36-годишен маж.

На самото место починале две деца на возраст од 8 и 10 години, кои се наоѓале на задното седиште во едниот автомобил, а 44-годишниот возач им подлегнал на повредите на пат кон болница. Во другиот автомобил, полесно се повредени 36-годишниот возач и 34-годишна сопатничка, потврди полицијата.

Сите патници во двата возила користеле сигурносни појаси, се наведува во соопштението.

Поради увидот што го извршувала полицијата под надзор на заменикот на државниот обвинител, патот бил затворен од 21:50 до 01:48 часот, а сообраќајот бил пренасочуван по алтернативни правци.

Командирот на Доброволното противпожарно друштво Ѓаково, Иван Келемин, за медиумите изјави дека нивната екипа интервенирала по дојава за несреќата:
„Околу 21:40 часот добивме повик за интервенција. Нашите пожарникари ги извлекоа двете деца од задното седиште и ги предадоа на Брза помош. Воедно, возилата беа обезбедени од можна појава на пожар.“

Трагедијата ја потресе локалната заедница, а истрагата за причините на несреќата продолжува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни