Актуелниот претседател на Еврогрупата, ирскиот министер за финансии Паскал Донахју, неговиот литвански колега Римантас Шаџиус и шпанскиот министер за економија, трговија и бизнис Карлос Куерпо се кандидати за прв човек на телото на министрите задолжени за финансии на земјите членки на Еврозоната во следниот мандат, соопшти денеска Советот на ЕУ.
Изборот на претседател на Еврогрупата ќе биде извршен на следниот состанок на телото закажан за 7 јули. Мандатот на актуелниот претседател Донахју истекува на 13 јули.
Согласно Протоколот 14 од Договорот за Еврогрупата, претседателот се бира со апсолутно мнозинство од гласовите на 20-те министри членови, односно со најмалку 11 гласа. Доколку во првиот круг на гласање ниту еден од кандидатите не добие најмалку 11 глас, тие ќе биде одделно информирани за бројот на гласови што ги освоиле, по што им се остава можност за повлекување на нивата кандидатура.
Гласањето се повторува се додека еден од кандидатите не добие доволно гласови за да биде избран.
Кандидат за претседател на Еврогрупата може да биде секој од министрите на членките на Еврозоната во чија надлежност е ресорот финансии. Претседателот на Еврогрупата се избира за мандат од две и пол години со право на реизбор.
Еврогрупата е неформално тело во чии рамки се дискутира за прашања поврзани со заедничките одговорности на земјите членки на Еврозоната во врска со еврото. Нејзина главна задача е да обезбеди координација на економските политики меѓу земјите членки на Еврозоната, но и да промовира услови за посилен економски раст. Членовите на Еврогрупата вообичаено се состануваат еднаш месечно, во пресрет на заседанието на Советот за економски и финансиски прашања на ЕУ.
Прв претседател на Еврогрупата беше Луксембуржанецот Жан-Клод Јункер во периодот од 2005 до 2013 година, кој потоа од 2014 до 2019 година беше и претседател на Европската комисија. Него го наследи Холанѓанецот Јерун Дајселблум, кој функцијата ја извршуваше од 2013 до 2018 година, а по него претседател на Еврогрупата до 2020 година беше Португалецот Марио Сентено. Актуелниот претседател Донахју првпат беше избран на функцијата во јули 2020, а потоа и реизбран во декември 2022 година.