Телата на две лица кои се водеа како исчезнати за време на невремето во северна Италија се пронајдени денес, јавија противпожарните служби, со што бројот на загинати во оваа област се искачи на тројца.
Телото на 64-годишен маж и неговиот 33-годишен син, чие возило го однела надојдена река, се пронајдени во близина на Виченца, во североисточната покраина Венето. Претседателот на покраината, Лука Заја, изрази сочувство до жената која го загубила сопругот и синот, велејќи дека се работи за „незамислива трагедија“.
Таткото и синот биле доброволци и биле на пат да помогнат во операции за спасување, кога настанала несреќата.
Во четвртокот, 90-годишен маж бил пронајден мртов во својата поплавена куќа во регионот Пиемонт, на северозападот од земјата.
Северна Италија, како и делови од француските и швајцарските Алпи, беа погодени од обилни дождови во четвртокот, кои на поголеми надморски височини се претвораа во снег, што предизвика блокади на патиштата поради одрони и поплави.
Десетици лица мораа да бидат евакуирани од поплавените области, понекогаш и со своите домашни животни. Во Долината Аоста, околу 5.000 домаќинства останале без струја во четвртокот навечер, соопшти локалната енергетска компанија.
Снимки на France Presse покажуваат улици прекриени со кал во Монтео да По, во Пиемонт – мало гратче каде вчера противпожарците го пронајдоа мртвиот 90-годишник.
Снимки и од други места во регионот покажуваат улици затрупани со урнатини и нанос од кал и камења.