Сончевиот и топол септемвриски бран кој го зафати Скопје беше главна причина да побараме сенка во Парк шума Гази Баба. И токму тука во тоа парче ладовина на влезот во главниот град го сретнавме Трајче Китановски со неговиот пердувест пријател. Некој ќе рече соколарството е лесна работа, Китановски ќе раскаже:
„Соколар не може секој да биде, причините се бројни“, ни рече тој, а тоа доволно не испровоцира да го поканиме на лаф муабет. Соколар Китановски со задоволство прифати додека неговиот јастреб со доза на резерва го набљудуваше секое наше движење.
Трн: Од кога и од каде љубовта кон соколарството?
Китановски: Љубовта кон соколарството веројатно тлеела во мене уште како дете, но не сум знаел како да го искажам тоа. Прв пат, што јас го паметам, кога имав блиска средба со грабливка беше соколот на другар (falcon tinunculus) кој аматерски се занимаваше со соколарство. До толку ме привлече тоа што тој го правеше тогаш што веднаш после таа моја прва средба со соколот јас на ништо друго не мислев, освен на птицата. Почнав да изучувам се за грабливките, гледав филмови, купував книги… Би рекол дека тоа беше еднострана љубов на прв поглед хахах и еве веќе трае 11-та година.
Трн: Повеќе од една деценија си во секојдневна дружба со птици грабливки, која беше првата птица која навистина те научи да бидеш соколар?
Китановски: Првата птица која ја имав чинам беше јастреб глувар Buteo Buteo. Сега кога ќе се присетам беше многу повеќе желба отколку што во тоа време тоа го можев навистина хахах. Но знаете како и во се друго па така и во соколарството талент е пет проценти, а се друго е само и само макотрпна работа. Затоа ги советувам останатите кои сакаат да се занимаваат со ова, ако вистински го сакаат, мора да знаат првенствено дека е „ѓаволски“ тешка работа и бара многу откажувања и секако промена на дотогашниот нивен живот. Но доколку тоа е она што, повторувам, вистински го сакаат тогаш не им останува ништо друго освен да истрајат и еден ден да станат соколари, посветени соколари. А верувајте ако се посветите соколарството еден ден ќе ви возврати.
Трн: Македонија изобилува со прекрасни природни предели, но колку кај нас е прифатливо одгледувањето на птица грабливка и имаме ли услови за нејзини тренинзи?
Китановски: Како што напоменав соколар не може да биде секој колку и тоа како и да звучи. Заради тоа што соколарството по дефиниција е лов со дресирана птица грабливка во координација со дресирано куче. Со самото тоа повлекува дека вие треба да имате многу време за секојдневни тренинзи на вашата птица, потоа слободен лет во природа, за на крај тоа да се круниса со одење на лов со вашата птица. Всушност и за што и е намената на една грабливка. И мора да сфатат сите оние кои осудуваат дека тоа е синџир на исхрана, природен ланец кој ние не сме го создале. Едноставно така функционира законот на природата, а и на животните, „поголемиот го јаде помалиот за да опстане и преживее” колку и да звучи сурово тоа е така.
Соколарите во време турско во отоманската империја биле многу ценети луѓе, се сметале за над природно интелигентни и дури имало вработени соколари во турската војска. Нивната задача била да помагаат на војската со откривање на разноразни девијантни движења и секој обид на напад од противничка војска бил спречен благодарение на соколите кои се враќале од обиколка со разноразни нишани во својот клун преку што познавале дека друга војска им се доближува. Па знаејќи го ова како податок можеме само да претпоставиме колку биле ценети соколарите во тоа време, а фактот дека не плаќале данок и биле ослободени само ни го потврдува тоа.
Трн: Што подразбира комплетната грижа за една птица грабливка?
Китановски: Да чуваш една грабливка, првенствено покрај љубов и знаење мораш да имаш и соколарска опрема и секако услови кои се примарна работа. На птицата и е најважно да лета секојдневно барем два до три часа, а потоа да одмара на соколарски сталак или волиера… во зависност од тоа што може да и пружите на вашата птица. А потоа секако мора да имате соколарска ракавица, вага, каишки, осмица, алмери како основна соколарска опрема. Се храни исклучиво со сурово месо. Како додаток некои птици како што е мојот јастреб Харисон (Parabuteo unicinctus) јадат и црви, скакулци, штурци…
Трн: Има ли иднина соколарството кај нас?
Китановски: Имаме готов проект за нашите најмлади, се надеваме дека ќе успееме во намерата да ги едуцираме децата зошто е добро да се сака една грабливка и колку таа може да ни биде полезна. Истовремено се обидуваме да се вдомиме со нашето здружение и да конечно има и кај нас еден светски соколарски центар. За тоа секако очекуваме помош и од градот. Во моментов чекаме да ни пристигне и женка Харисон со надеж дека еден ден и во нашата држава ќе имаме легално легло на мали јастреби Хариси.