Трн на пинг-понг со 10 годишната Бојана Јовевска од Пехчево

На пархетот во спортската сала „Македонски бранители“ во Берово падна топче од пинг-понг, се слушна звук од негово отскокнување, a некој викна „јес“. Заврши првиот дел од тренингот на Пинг-понг клубот Зегин.

„Го сакам овој спорт затоа што не бара само физичка туку и психичка стабилност и подготовка“, вака некако го започна разговорот Бојана Јовевска со екипата на Трн. Иако има само 10 години и е петто одделение во ОУ „Ванчо Китанов“ Пехчево, веќе има медали на домашни и меѓународни натпревари. Вели дека сака да спортува, да се дружи со врсниците, а пинг-понгот како спорт се наметнал спонтано и не очекувано.

„Посериозно се занимавам со пинг-понг веќе скоро една година  во клубот кој победува ППК Зегин Берово. Почнав да тренирам во Пехчево, но кога немавме повеќе тренинзи во нашиот град, одвај чекав да се отвори нова група во ППК Зегин Берово за да можам да се запишам. Цело време ја следев Фејсбук страната на овој клуб и без разлика што не бев дел од тој тим се радував на нивните успеси и посакував еден ден и јас да бидам како првите членови на клубот. Желбата си дојде така некако спонтано, многу ми е интересен овој спорт и навистина е интересно тоа што во тој спорт не си само физички активен туку и психички цело време треба да размислуваш како треба да изиграш“, вели Јовевска додека ја собира косата, подготвувајќи се за остатокот од денешниот тренинг.

Тренинзите на ППК Зегин Берово се одржуваат секој ден, во три групи, а Јовевска сега е дел од првата постава. Посочува дека особено за еден млад човек, на нејзина возраст многу е важно да има желба, но и да биде посветен и одговорен за да постигне резултати. Признава дека воопшто не е лесно секој ден, особено на почетокот, да се издржи секој еден тренинг, но истакнува дека задоволството е големо кога противникот ќе го победите во спортски дух.

„Одам на тренинзи секој ден, ме носат моите родители од Пехчево во Берово. Тренингот ни трае скоро три часа дневно. На почетокот ми беше многу напорно, но сега како минува времето се навикнав и многу ми е интересно. Најпрвин пред тренинг се загреваме, потоа продолжува тренингот, тренерите тренираат со секој индивидуално и знаеме да си организираме и по некој натпревар за да видиме кој каде е и што постигнал“, ни раскажува Јовевска, канејќи не на другата страна од пинг-понг масата за да си ги одмериме силите.

Пред да се впуштиме во таа спортско-забавна авантура ја прашавме Бојана каде се се натпреварувала и колку медали освоила. Не за друго, туку сами да се убедиме, но и нејзе да и потврдиме дека е силен противник и победник во најава на овој меч. Слатката и енергична Јовевска се насмевна и ни рече само да се сконцентрираме на играта, а таа ем ќе игра ем ќе ни раскажува за успесите како би не мотивирала да не се предадеме.

„Првиот натпревар во категорија У11 ми беше во Прилеп, од меѓународен карактер тоа беше моето прво искуство. Потоа во Битола на државното првенство за мини кадетки до  11 години освоив второ место во категорија двојки. На Топ 8 во Крушево во категорија мини кадетки до 11 години освоив трето место. Учествував и на меѓународниот натпревар во Република Грција, а земав учество и на Меѓунатордниот турнир во пинг понг Зегин Опен 2023 година во Берово. Оваа година бев дел од кампот за пинг понг во Власина, Република Србија каде имавме по два тренинзи дневно со познати и искусни тренери во пинг понгот, каде што секое утро имавме трчање, потоа кондициони вежби и нормално многу забава и дружење и таму на Меѓународниот турнир Сурдулица Опен 2023 година освоив трето место во категорија мини кадетки“, ни раскажува Јовевска за нејзините успеси, а тренерот од страна довикна дека Бојана е на само неколку чекори да не победи ако продолжиме така да играмае.

Не можевме да се мериме со нејзината физичка, но и психичка подготвеност, па резултатот заврши секако во нејзина полза. Не се откажа и не ни попушти во ниту еден момент, а тоа не направи горди дека и кај младите генерации постои порив за спорт и дружба, наместо денот да се помине со мобилен во рака. Иако поразени сепак бевме инспирирани да прашаме кои се „виновниците“ за ваквата нејзина подготвеност.

„Распоредени сме во три групи, првата група се оние членови кои го формираа клубо, сега во моментот јас тренирам во таа група, втората група во која јас почнав да тренирам е онаа која се формираше подоцна, но потоа поради големиот интерес се формираше и трета група во која членуваат и тренираат помали членови. Тренинзите ги држат Горан Каракутовски  – сите го викаме Кеки, Јован Ковачовски или чичо Ванчо, наш втор родител кој го движи клубот и вложува многу напори истиот да опстои со многу успеси и награди и Васко Манасијевски кој сите си го викаме Васко“, ни раскажува Јовевска.

Времето минуваше, веќе неколку часа екипата на Трн е во салата во друштво на Јовевска и останатите деца кои тренираат во ППК Зегин Берово. Не можевме, а да не ја прашаме Бојана за тоа колку младите луѓе имаат можност за остварување на спортските соништа во едно мало место како што е нејзиното родно Пехчево. Без многу размислување, со воздишка ни рече:

„Како што самите кажавте Пехчево е многу мало место има многу малку места за рекреација и дружба на децата и младите. Затоа јас сум многу благодарна на сите мои тренери посебно на чичо Ванчо што ми овозможија на мене и на останатите членови на ППК Зегин Берово, а кои сме од Пехчево, да членуваме во овој клуб, да научиме нешто ново, да научиме да се дружиме, социјализираме, како да победуваме, како да се радуваме на победата, а како да го надминеме неуспехот. Во клубот покрај тоа што сериозно тренираме стекнуваме и нови другарства и нови пријателства, така да ние младите од Пехчево доколку спорт немаме во нашето градче, без размислување одиме во соседните општини“.

Спортот и пинг-понгот не се единствената пасија на младата и амбициозна Бојана Јовевска. Тоа што го љуби на спортско поле сака да го спои и со музиката, па така на својот втор настап на детскиот фестивал „Малешевско ѕвонче“ во Берово побарала и добила песничка посветена на нејзината најголема спортска љубов, пинг-понгот.

„Кога ме прашаа за што сакаш да ти биде песничката јас веднаш, без размислување, кажав за пинг-поног. Во песната се спомнати сите начини на игра, нашиот клуб кој секогаш победува ППК Зегин, потоа нашите најдобри Васко, Ване и Кеки и имав многу интересна кореографија се појавив на сцената во дрес и сетоа тоа изгледаше многу интересно. Сега имам голема желба за песната заедно со членовите на клубот и тренерите, да направиме еден интересен спот за песничката со кој уште повеќе ќе го промовираме нашиот победнички клуб. Оваа желба со помошна моите родители ќе се потрудам да си ја остварам“, ни раскажа Јовевска и не удостои во живо да слушнеме дел од рефренот.

Понесени од сите емоции, од позитивната енергија која владееше во салата пред да се поздравиме не можевме, а да не ја прашаме Јовевска што би им порачала на читателите на Трн, особено оние најмладите.

„Сакам да им порачам на сите деца и млади да спортуваат да не го поминуваат своето слободно време, а го имаме нормално, пред телевизија, таблет или телефон, туку д спортуваат, за да бидат здрави, среќни и исполнети. Зошто го одбрав токму пинг-понгот, заради тоа што како што кажав веќе еднаш овој спорт не бара само физичка активност туку и многу размислување. Ова е спорт во кој индивидуално можеш да се покажеш и спорт во кој постои многу дружење и социјализација. Морам да спомнам дека нашиот клуб е еден од ретките клубови во Македонија во кој постои толку големо почитување еден спрема друг, дружба, помагање и многу успеси нормално“, со восхит порачува Јовевска.

По неколку часа поминати со најмладите генерации на нашата држава во крајниот исток од Македонија време е да си одиме во Скопје, во редакција. Да ги сумираме импресиите и впечатоците, пакувајќи ги во новинарска приказна која по се чини ќе биде само најава за тоа дека еден ден не само домашни туку и медиуми од странство ќе пишуваат за Јовевска и нејзините пинг-понг успеси. До тогаш останува да се гордееме со секој постигнат успех на секој млад спортист од нашата земја кој ветува дека Македонија гордо ќе стои на пиедесталот на успесите и во пинг-понг полето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни