Професионалното животно искуство од 42 години како медицинска сестра на Елена Бајрактарова Алексовска од Гевгелија и помогна да го спаси малиот штрк Мишко. Името му го дала, без да знае дали станува збор за машка или женска единка, по својот прерано загубен брат. Пред два месеца возејќи го својот велосипед случајно ја забележала малата и повредена птица. Без нишка на двоумење го однела во својот двор. Уште од прв миг Мишко се вклопил во друштво на две вдомени кучиња и четири мачки кои благодарение на медицинскиот третман на Елена доживеале втора шанса за живот.
„Приказната почна кога се враќав дома со велосипед и под една бандера видов нешто мало и бело животинче, па помислив дека е маче или куче. Кога се симнав забележав мало штркче од чии крилја течеше крв. Без никакво двоумење го ставив во корпата, од аптеката која се наоѓаше во близина купив се што треба и го однесов дома. Прво го измив, бидејќи од окото течеше секрет, но тогаш си помислив и дека му нема спас, но не се откажав од помошта која можам да му ја дадам. Му ставав капки и маст, но тоа не даде ефектни резултати на подобрување, но на крајот се покажа дека Мишко е борец и ќе успее да преживее. Се опорави и почна да јаде. Се храни неколку пати на ден со риба папалини, но понекогаш во менито добива и вардарски кои не не ги сака многу“, ни раскажува Бајрактарова Алексовска додека му носи свежа вода на Мишко.
Мишко е вистинска атракција во соседството. Иако некогаш пушта силни крици сите го сакаат, а дека тој е среќен говорат и неговите навики. Елена потенцира дека особено се радува кога ќе го види цревото за да се разлади, бидејќи веќе е голем и не го собира во корито или кофа.
„Мишко има навика кога ќе ме види да ги шири крилјата и да почне да пушта крици. Тоа значи дека сака да јаде или да го земам во раце и да го кренам високо. Мавта со крилјата, но за жал до сега не успеа да летне“, вели Бајрактарова Алексовска, хранејќи го малиот, а сега веќе голем штрк.
И додека екипата на Трн топлото августовско лето го поминува во најтоплиот град во Македонија, дружејќи се со штркот Мишко и неговите четири ножни другари Елена не потсети зошто хуманоста е најважна човечка особина. Потенцира дека човек што ги сака и им помага на животните навистина ги сака и другите луѓе.
Три месечниот Мишко оваа есен и зима ќе ги помина на гости кај пензионираната медицинска сестра од Гевгелија која верува дека следната година тој ќе се врати кај своето јато, иако ќе и недостасува.
По неколку часа во Гевгелија време е за назад кон Скопје. На вас да ви ја споделиме оваа хумана и позитивна приказна, а на Елена да и покажеме и докажеме дека нејзиниот чекор ќе испровоцира и друг да биде како неа.