Трката за Месечината: САД сакаат нуклеарен реактор пред Кина и Русија

NASA го забрзува развојот на нуклеарен реактор за поставување на Месечината до 2030 година, во обид да ја предводи трката со Кина и Русија за контрола на луното енергетско снабдување и изградба на постојана база. Оваа амбиција носи технички, безбедносни и геополитички предизвици.

Американската вселенска агенција NASA го забрзува планот за поставување нуклеарен реактор на Месечината до 2030 година, што е клучен чекор во амбицијата за изградба на постојана база за луѓе на лунарната површина.

Според порталот Politico, вршителот на должност шеф на NASA истакнал дека слични планови имаат и Кина и Русија, предупредувајќи дека тие две земји „потенцијално можат да прогласат забранета зона“ на Месечината. Сепак, остануваат прашања за реалноста на зададениот рок, особено со оглед на неодамнешните драстични намалувања на буџетот на NASA, додека некои научници се загрижени дека плановите се водени исклучиво од геополитички мотиви.

Народи како САД, Кина, Русија, Индија и Јапонија брзаат со истражување на површината на Месечината, а некои планираат и постојани човечки населби. Вршителот на должност шеф на NASA, Шон Дфи, повика комерцијални компании да достават предлози за изградба на реактор со моќност од најмалку 100 киловати.

„За да се унапреди оваа критична технологија и да се поддржи идната лунарна економија, производство на енергија со голема моќ на Марс и зајакнување на националната безбедност во вселената, итно е агенцијата да дејствува брзо“, порача Дфи.

Иако 100 киловати изгледа малку во споредба со копнените ветерници кои произведуваат 2-3 мегавати, идејата за нуклеарен реактор на Месечината не е нова. NASA уште во 2022 година додели три договори вредни по 5 милиони долари за дизајн на реактори, а годинава Кина и Русија објавија заеднички план за изградба на автоматизирана нуклеарна електрана на Месечината до 2035 година.

Многу научници се согласуваат дека нуклеарната енергија е најдобриот, ако не и единствениот начин за обезбедување континуирано снабдување со енергија на Месечината. Лунарниот ден трае колку четири недели на Земјата, со две недели непрекинато сонце и две недели целосна темнина, што го прави користењето на соларната енергија многу непредвидливо. „Дури и изградбата на мала лунарна база за сместување на мала екипа би барала производство на енергија од мегаватни размери. Само соларни панели и батерии не можат сигурно да ги задоволат тие потреби“, објаснува д-р Сунгву Лим од Универзитетот Сари. „Нуклеарната енергија не е само пожелна, таа е неизбежна“, додава.

Професорот Лајонел Вилсон од Универзитетот Ланкастер смета дека технички е возможно поставување на реактори на Месечината до 2030 година „под услов да има доволно финансии“, нагласувајќи дека веќе постојат дизајни за мали реактори. „Прашање е само колку лансирања ќе има Artemis за изградба на инфраструктурата на Месечината до тогаш“, вели тој, повикувајќи се на NASA-програмата за враќање луѓе на Месечината.

Постојат и безбедносни прашања. „Лансирањето радиоактивен материјал низ атмосферата на Земјата носи ризици за безбедноста. За тоа е потребна посебна дозвола, но тоа не е непремостлив проблем“, вели д-р Саимеон Барбер од Open University. Директивата на Дфи изненади многумина, особено по најавата на администрацијата на Трамп за намалување на NASA-буджетот за 24% во 2026 година, што вклучува и резови во клучните научни мисии.

Научниците се загрижени дека ова е политички мотивиран потег во новата меѓународна трка за Месечината. „Изгледа дека се враќаме на старите денови на првата вселенска трка, што од научна гледна точка е разочарувачки и загрижувачки“, вели д-р Барбер. Коментарите на Дфи за можноста Кина и Русија да прогласат „зони на забранет пристап“ се однесуваат на Artemis-договорите од 2020 година, кои ја дефинираат соработката на Месечината и воспоставувањето „безбедносни зони“ околу базите и опремата. „За некои луѓе, ова значи: ‘Ние го поседуваме овој дел од Месечината, тука ќе дејствуваме и не може да влезете’“, објаснува д-р Барбер.

Тој предупредува дека плановите не се усогласени. NASA-мисијата Artemis 3, која треба да испрати луѓе на Месечината во 2027 година, се соочува со одложувања и финансиска неизвесност. „Ако имате нуклеарна енергија за база, а немате начин да ги доставите луѓето и опремата, тоа нема голема корист“, заклучува. „Плановите во моментот не изгледаат усогласени.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни