Наглиот пораст на побарувачката од европските и азиските рафинерии ја турна цената на американската сурова нафта на физичкиот пазар на највисоко ниво во историјата. Според извори од индустријата, ова укажува на интензивна глобална трка за замена на изгубените количини на нафта од Блискиот Исток.
Рафинериите во Европа и Азија се соочуваат со зголемени трошоци и загуби поради наглото поскапување на суровата нафта. Владите во повеќе земји ги повикуваат државните енергетски компании да го одржат производството на гориво и покрај тешките услови, со цел заштита на енергетската безбедност.
Европа останува најголем увозник на американска сурова нафта, но конкуренцијата значително се зголемува бидејќи и купувачите од Азија агресивно влегуваат на пазарот. Поради ограничениот проток на нафта низ Ормускиот теснец, рафинериите се пренасочуваат кон залихи од Северна, Централна и Јужна Америка, Африка и Северна Европа.
Главната аналитичарка за нафта во компанијата Rystad Energy, Паола Родригез-Масиу, изјави дека азиските рафинерии се практично отсечени од снабдувањето од Блискиот Исток и сега се во директна конкуренција за секоја достапна количина на нафта од атлантскиот басен.
Трговците наведуваат дека понудите за американската нафта WTI Midland, која се испорачува кон Северна Азија со големи танкери, сега носат премии од 30 до 40 долари по барел, во зависност од пазарниот репер. Во одредени зделки, премијата во однос на нафтата од Дубаи изнесува околу 34 долари, додека во други случаи надминува 30 долари во однос на нафтата од Лондон (Brent репер).
Во некои договори за испорака во август, премијата достигнува и до 40 долари по барел во однос на лондонскиот Brent репер. Во претходните зделки од крајот на март и почетокот на април, кога јапонските рафинерии, вклучувајќи ја компанијата Taiyo Oil, купуваа американска нафта, премијата изнесувала околу 20 долари по барел.
Трговците велат дека цените се менуваат буквално од ден во ден, а азиските рафинерии се соочуваат со сериозни финансиски загуби. Некои трговци дури оценуваат дека за рафинериите би било поисплатливо да го намалат преработувачкиот капацитет и наместо тоа да купуваат готови деривати, доколку тие воопшто се достапни.
Премијата за физичка испорака нагло порасна откако фјучерсите за американската нафта WTI почнаа да заостануваат зад реалните физички цени, што значи дека нафтата за итна испорака е значително поскапа од онаа со подолг рок на испорака.
Во Европа, американската сурова нафта WTI Midland за испорака на стариот континент во одредени моменти била речиси 15 долари поскапа од Brent реперот од Лондон.
Европските рафинерии кои купуваат нафта на физичкиот пазар сè почесто се соочуваат со проблем да остварат профит, поради високите трошоци за транспорт и обработка, кои дополнително растат поради зголемената побарувачка за танкери во регионот на Мексиканскиот Залив.