Вселенската трка повторно се вжештува – овојпат не меѓу држави, туку меѓу двајца американски милијардери. Илон Маск преку SpaceX и Џеф Безос со Blue Origin ја засилуваат битката за Месечината, во обид САД да стигнат пред Кина до 2030 година.
Според извештаи, Маск планира изградба на лунарна база наречена „Moonbase Alpha“, како и поставување систем за лансирање сателити директно од површината на Месечината. Овој потег би бил дел од неговата поширока визија за создавање огромна вештачко-интелигентна сателитска мрежа во орбитата.
Со ова, фокусот на SpaceX се пренасочува од долгорочната идеја за колонизација на Марс кон побрзо позиционирање на Месечината како стратешка точка за идни мисии.
Во меѓувреме, Blue Origin го интензивира својот лунарен проект „Blue Moon“, затворајќи дел од суборбиталните туристички активности за да ги пренасочи ресурсите кон развој на лунарен лендер. Компанијата исто така работи со средства од NASA, која планира серија мисии за враќање на астронаути на Месечината како подготовка за идни мисии кон Марс.
НАСА отворено ја гледа оваа трка и како геополитички натпревар. Кина има план да испрати астронаути на Месечината до 2030 година, што ја зголемува динамиката во американската вселенска стратегија.
Маск неодамна најави амбиции за „саморастечки град“ на Месечината и лансирање АИ-системи од лунарната површина. Безос, пак, индиректно одговори со објава што алудира на басната за зајакот и желката – стратегија „чекор по чекор, жестоко“, што е и мотото на Blue Origin.
Аналитичарите сметаат дека ривалството меѓу SpaceX и Blue Origin ѝ користи на НАСА, бидејќи конкуренцијата ги забрзува иновациите и инвестициите во лунарната инфраструктура.
Додека САД се обидуваат да го задржат водството во новата ера на истражување на вселената, станува јасно дека Месечината повторно станува клучна точка – не само научно, туку и економски и стратешки.