Трка со надежта

www.freepik.com

Животот во Македонија е огромен предизвик. Живеењето во овие времиња глобално, исто така. Геополитичките односи и светската политика, дополнително креираат еден обрач кој се стеснува и кој луѓето тука одамна ги гуши. Добро ги знаеме нашите проблеми и тешкотии, но, успеваме и покрај сè, да врзуваме крај со крај, па дури и да замислуваме и да сонуваме некаква подобра иднина за себе и за нашите блиски. Колку и да е човек полн со ентузијазам и некаква необјаснива верба дека сепак постои нов контекст кој ќе го градиме во земјава, не може понекогаш да не клапне и да потоне во длабок песимизам кога гледа како се развиваат процесите и кај нас и надвор.

Работата е многу поголема од нас, секако, светските динамики излегуваат од колосек и прават луѓето да чувствуваат уште поголема несигурност од порано насекаде, особено во ранливите земји. Десницата зема силен замав во Европа, стандардот за живот радикално се влошува, човековите слободи и права добиваат знак прашалник во многу земји. Безброј невини лица настрадаа во последниве месеци, а мирот како глобален интерес стана политичка игра преку која се докажува моќ и триумф. Каде сме ние? Мали, кршливи и несигурни, длабоко го рефлектираме стравот и опасностите кои се појавуваат насекаде во светот, па во контекст на тоа, ги гледаме и нашите сограѓани како се борат во немоќта да изградат подобар живот за себе овде. Како да се остане ментално здрав во еден крајно болен систем и процеси кои одамна излегле од нашите раце, се прашувам многу често? Потребен е огромен напор и сила да се биде свесен за тоа во што се наоѓаме и да се искористи својата емоционална интелигенција во некаква позитивна конотација, спротивна на колективната апатија. Да се истресе од себе незадоволството, тагата и лутината, и покрај сè, да се продолжи напред во неизвесноста.

Да се остане во трката со надежта е едно од решенијата, тој концепт и пријател кој дава можност човек да верува, да се инаети со времето и со околностите кои го покосуваат како акт на издржливост и бунтовност. Воопшто не е лесно и едноставно да се направи, а е толку многу важно за нашето опстојување овде. Често велат дека надежта е заразна, па мали акти на мотивација, на охрабрување и верување можат да направат огромна разлика – верувам во тоа, мислам дека и така се одржуваме на колективно ниво.

Затоа не мислам дека е наивна идејата да се одбере свесно да се биде надежен во темните времиња, туку ја гледам како алатка неопходна за одржување на нашиот здрав дух. Тоа не значи, дека во текстови како денешниот, нема да си дозволиме да ја реконструираме и да ја отфрламе, туку дека ќе ги искористиме личните ресурси да исчувствуваме колку што можеме – незадоволство, лутина, тага, страв, неизвесност. Ќе си дозволиме некое време да бидеме во тоа, да го споделуваме со другите, а потоа, само нијансирано ќе пробуваме да ја враќаме назад за полека да ја враќаме назад и сопствената сила. Оној нежен човечки дух без кој пркосот не би постоел, а не би постоела ни иднината за која сакаме да зборуваме толку многу. Тркањето со надежта овде, е едно колективно признавање на уморот, на поттиснувањето на разочарувањата што ги доживуваме, на едно долго и драматично издишување на сета историја, болка и траума. На еден малку посуштински и почувствителен обид да се видиме како колектив и како поединци и да си ги прегрнеме тешкотиите. И потоа да исправиме глави, затоа што мора да се движиме напред.

И во најтемните денови и најкомплексни општествени односи, мора да постојат начини како нашето барање смисла да нè донесе до подобра иднина. Секогаш кога се надеваме, одбираме да ги возобновиме сите тие пракси на солидарност, верување и меѓусебна потпора кои тргнуваат токму од поединецот и неговиот став.

Жените во Македонија кои со нивната храброст и сила ги предизвикуваат нормите на традиционалниот свет се пример за тоа негување на надежта која не само што пркоси на апатијата туку и инспирира, поттикнува и бара промени кои ќе произлезат од нашата заедничка сила. Секогаш тргнувам од оваа размисла кога зборувам и пишувам за надежта. Иако често ни е тешко да ја видиме и да ја практикуваме, постои и го чека своето време. Не можеме да се откажеме од надежта, затоа што не можеме да се откажеме од себе.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни