Трите романи во конкуренција за „Роман на годината“ напишани од авторки

Жири-комисијата на престижната награда „Роман на годината“ за 2024 година го избра најтесниот круг финалисти, а интересен пресврт оваа година е дека сите три романи во трката за признанието се дело на жени-авторки.

Во финалната селекција за наградата остануваат „Простување“ на Кица Колбе во издание на „Или-или“, „Светот што го избрав“ на Калина Малеска во издание на „Или-или“ и „И ѕирка и проѕирка“ на Огнена Никуљски во издание на „Антолог“.

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“, која се залага за унапредување и промоција на културните вредности. Победничкиот роман ќе биде објавен на прес-конференција што ќе се одржи на 14 март (петок) во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 12 часот.


Оваа година за наградата конкурираа 43 романи, а жирито, составено од Лидија Димковска (претседателка), Маја Бојаџиевска, Ѓоко Здравески, Андреј Ал-Асади и Катерина Богоева, направи неколку селекции за да ги одбере финалистите.

Генерален покровител на наградата е „Комерцијална банка“ АД Скопје, со поддршка од Министерството за култура и туризам. Добитникот на наградата ќе освои плакета, статуетка и парична награда од 150.000 денари.

Наградата „Роман на годината“ се доделува по 26-ти пат, а свеченото врачување ќе се одржи во мај.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни