Агенцијата за филм, во организација и соработка со Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје, започнуваат тридневни професионални филмски средби и работилници со реномираниот француски продуцент Паскал Јуделевиќ – претседател на „Acajou Productions“ од Париз, со четириесетгодишна кариера и повеќе од 30 продуцирани филмови.
Денес, во просториите на Вардар филм, директорот на Агенцијата, г-дин Сашко Мицевски, срдечно ги пречека г-дин Грегоар Жислер, директор на Францускиот институт во Скопје и советник за соработка и култура при Амбасадата на Франција, како и г-дин Паскал Јуделевиќ. Средбата беше вовед во богатата програма што следува во наредните денови.
Веднаш по работниот состанок, се одржа првата работилница со десет домашни носители на проекти, кои имаа можност да ги презентираат своите идеи и филмски проекти, да добијат професионални видувања од еден од најискусните француски продуценти и да разговараат за потенцијални можности за соработка.
Утре, 28 јануари, програмата продолжува со неколку средби посветени на проектот на Јуделевиќ „7 дена, 1 филм“, во рамките на кои ќе се оствари размена на искуства со филмски професионалци од Северна Македонија.
Во четврток, 29 јануари, на Факултетот за драмски уметности ќе се одржи работилница за пишување сценарио, насочена пред сè кон студенти, млади автори и идни филмски работници. Работилницата ќе ги опфати основите на драматургијата, конструкцијата на нарацијата и креативниот процес – од првичната идеја до развојот на сценарио.
Преку оваа тридневна програма, партнерите ја потврдуваат заедничката посветеност на развојот на филмското творештво, едукацијата на младите професионалци и унапредувањето на дијалогот помеѓу француската и македонската филмска сцена, во духот на Договорот за копродукција меѓу Франција и Македонија, потпишан во февруари 2021 година.
Овој настан воедно е и прв од серијата настани со кои ќе се одбележи јубилејот – 20 години Агенција за филм.
