Според официјалните информации, најмалку три лица загинаа, а 99 се хоспитализирани – дел од нив со тешки повреди. Се стравува дека бројот на жртви ќе расте. Под урнатините на Ал Кхозини исламското училиште сè уште се заглавени најмалку 38 ученици, повеќето тинејџери кои во моментот се собирале на молитва.
Двокатната зграда имала нестабилна основа и не можела да ја издржи доградбата на уште два ката, соопшти агенцијата за справување со катастрофи. Девојчињата кои биле во друг дел од објектот успеале да избегаат.
Очевидци велат дека од урнатините се слуша плач и повици за помош, а вознемирени роднини ја поминале ноќта пред училиштето во очекување вести за своите најблиски.
Спасувањето е отежнато бидејќи зградата добила „палачинка-структура“ со слоеви бетон што оставиле само тесни празнини, предупредуваат од спасувачката служба Басарнас.
Дел од преживеаните ученици го опишале хоророт за локалните медиуми. „Слушнавме звук на камења што паѓаат, стануваше сè погласно. Успеав да истрчам, но ме удри дел од покривот,“ раскажал 13-годишниот Мухамед Риџалул Коиб.
Градските власти тврдат дека управата на училиштето немала дозвола за доградбата на зградата.
Ал Кхозини е традиционално исламско училиште (песантрен), какви што има многу во Индонезија. Тие спаѓаат под надлежност на Министерството за верски работи, но контролата е често ограничена, а дел од училиштата функционираат без силна регулација.
Индонезија има црн биланс на градежна безбедност – претходно овој месец четворица загинаа, а десетици беа повредени во уривање на зграда во Западна Јава.
Извор:BBC