На сите ни е познато чувството кога во попладневните часови одеднаш почнуваме да ја губиме концентрацијата и чувствуваме поспаност.
Получасовна попладневна дремка би била идеално решение, но често не можеме да си го дозволиме тој луксуз бидејќи сè уште не сме ги завршиле планираните обврски.
Затоа, по некое непишано правило, посегнуваме по шолја кафе, која најчесто го решава проблемот, но има и денови кога ниту дополнителна доза кофеин не помага.
Токму во такви ситуации можат да помогнат напитоци чија главна состојка е спанаќот, кој ќе го ревитализира организмот и ќе ни даде енергија да продолжиме понатаму.
Сите што пораснале со цртаниот јунак морнарот Попај уште од детството ја научиле лекцијата дека спанаќот дава дополнителна сила, а причината за тоа е што овој зеленчук е богат со цинк, протеини, растителни влакна и витамини.
Во продолжение погледнете неколку верзии на смути со спанаќ, кои лесно ќе ги подготвите така што сите состојки ќе ги ставите во блендер и ќе ги миксирате додека не добиете компактна смеса, а кои можат да ви помогнат да ја добиете потребната енергија.
Овошно смути
Иако има само четири состојки, ова смути ќе го ревитализира вашето тело, а дополнителен бонус е тоа што е одлично и за кожата. Благодарение на ананасот, има одличен тропски вкус. Се подготвува со две шолји спанаќ, една и пол шолја вода, една шолја сечкан ананас и едно авокадо.
Енергетски напиток
Дали знаевте дека чиа семето содржи повеќе омега-3 масни киселини од лососот? Токму поради оваа состојка, ова смути е ефикасно во борбата против заморот, а освен тоа содржи и растителни влакна, протеини и голем број минерали. Од друга страна, мангото и пчелиниот полен му даваат неодолив вкус. За овој напиток се потребни две шолји спанаќ, една и пол шолја вода, половина шолја замрзнато манго, една лажица ленено семе, две лажици пчелин полен и една лажичка чиа семе.
Зелена божица
Ова слатко-горчливо смути со спанаќ и листови од глуварче е богато со витамините А, Ц, Е и К, а благодарение на таанот, на организмот ќе му обезбедите важни минерали како фосфор, лецитин, магнезиум, калиум, калциум и железо. Во него одат две шолји спанаќ, една рака листови од глуварче, една и пол шолја вода, две лажици таан, половина шолја бело грозје и една лажица ленено семе.