Три собири денеска: Тетово и Скопје бараат правда

Денеска низ Македонија ќе се одржат три собири во знак на протест против неказнивоста и недостатокот на одговорност за трагедиите кои однесоа десетици животи. Граѓанските иницијативи повикуваат на масовно присуство, нагласувајќи дека тишината завршува и дека е време за правда.

Првиот протест е закажан за 12:30 часот на плоштадот во Тетово, во организација на иницијативата Зеро, која симболично ќе предаде противпожарен апарат на Основното јавно обвинителство и Основниот суд во Тетово. Овој чин, велат организаторите, е потсетник за опасностите што ги демнат граѓаните поради нефункционалниот систем и потребата од итна правда. „135 жртви, нула одговорност“ – ова е пораката што ќе ја испратат до институциите.

Во 13:00 часот на УКИМ во Скопје, Независното студентско собрание организира мирен собир со цел да се изрази солидарност, но и да се испрати јасна порака дека младите не се подготвени да молчат пред неправдите што ја тресат земјата.


Најголемиот собир се очекува вечерва во 18:59 на Плоштад Македонија во Скопје, во организација на иницијативата Кој е следен?. Организаторите велат дека до вчера, додека траеше жалоста, молчеле, но од денес ќе бидат гласни и ќе бараат одговорност. „Од понеделник, тишината завршува. Се гледаме на улиците – гласни, бескомпромисни и обединети“, порачаа тие.

Овие три собири испраќаат силна порака: нема да има заборав, нема да има повеќе загубени животи поради небезбедност и неодговорност. Граѓаните бараат правда – веднаш и без компромиси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни