Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“, во режија на Георги М. Унковски, оствари голем успех на престижниот Меѓународен фестивал на уметнички филм во Кошице (IFF Art Film Fest Kosice 2025), освојувајќи три награди „Син ангел“ и тоа за: Најдобар филм; Најдобра режија – Георги М. Унковски; Најдобар актер – Ариф Јакуп
Жирито со големо восхитување ја додели наградата за најдобра режија на Георги М. Унковски, истакнувајќи:
„Наградата му припаѓа на исклучителен раскажувач кој создаде чуден, магичен свет и, со неверојатно флуидна и јасна визија, испорача емотивна, сосема оригинална љубовна приказна. Неговиот беспрекорен кастинг и емоционално прецизна режија се ништо помалку од извонредни.“
Наградата за најдобар актер му беше доделена на блескавата изведба на Ариф Јакуп, за улогата на Диџеј Ахмет.
„Наградата му се доделува на ветувачки млад актер чиј талент, шарм и искреност нè убедуваат во трансформативната моќ на љубовта во еден циничен свет“ порачаа организаторите.
Најпрестижната награда, „Син ангел“ за најдобар филм, му беше доделена на „Диџеј Ахмет“ со зборовите:
„Оваа награда му оддава почит на филм кој храбро раскажува приказна за моќта на љубовта. Покажува дека следејќи го нашиот внатрешен ритам и изразувајќи ја нашата индивидуалност без страв или срам, можеме да се ослободиме од силите кои притискаат.“
Овој троен триумф е значаен момент за македонската кинематографија. „Диџеј Ахмет“ докажа дека локалните приказни, кажани со искреност, храброст и уметничка визија, имаат моќ да го освојат светот.