Три милиони деца починале во 2022 година поради отпорност на антибиотици

Од 2019 до 2021 година, употребата на антибиотици со висок ризик за отпорност се зголемила за 160% во Југоисточна Азија и 126% во Африка. Употребата на т.н. „антибиотици од последна линија“ (наменети за тешки, отпорни инфекции) се зголемила за 45% во Југоисточна Азија и 125% во Африка.


Повеќе од три милиони деца во светот починале во 2022 година поради инфекции кои биле отпорни на антибиотици, покажува истражување на двајца водечки експерти за детско здравје, пренесе BBC.

Според истражувањето, најголем ризик постои кај децата во Африка и Југоисточна Азија. Антимикробната отпорност се развива кога микробите што предизвикуваат инфекции еволуираат така што антибиотиците веќе не делуваат на нив.

Утврдeно е дека ова е една од најголемите закани за јавното здравје во светот. Новото истражување покажува колку висока цена плаќаат децата поради микробната отпорност на антибиотици.

Користејќи податоци од неколку извори, вклучувајќи ја Светската здравствена организација (СЗО) и Светската банка, авторите пресметале дека повеќе од три милиони деца починале во 2022 поради инфекции отпорни на антибиотици.

Експертите истакнуваат дека тоа претставува повеќе од десеткратно зголемување на бројот на такви инфекции кај деца за само три години. Се верува дека дел од порастот е резултат и на последиците од пандемијата на ковид-19.

Главните автори на истражувањето, Јанхонг Џесика Ху од Институтот Мардок за детско истражување во Австралија и Херб Харвел од Клинтоновата иницијатива за пристап до здравство, ја истакнаа сериозната злоупотреба на антибиотици кои треба да се користат само во најтешки случаи.

Од 2019 до 2021 година, употребата на антибиотици со висок ризик за отпорност се зголемила за 160% во Југоисточна Азија и 126% во Африка. Употребата на т.н. „антибиотици од последна линија“ (наменети за тешки, отпорни инфекции) се зголемила за 45% во Југоисточна Азија и 125% во Африка.

Авторите предупредуваат дека ако бактериите развијат отпорност и на овие последни опции, ќе има многу малку или никакви алтернативи за лекување.

Професорот Харвел истакна дека нема лесни решенија:
„Ова е проблем со повеќе димензии кој ги засега сите аспекти на медицината и човечкиот живот.“

Најдобар начин за избегнување на отпорни инфекции е превенцијата – преку повисоки нивоа на имунизација, подобра водоснабдување и хигиена.

„Антибиотиците ќе се користат сè повеќе бидејќи повеќе луѓе ќе имаат потреба од нив, но мора да обезбедиме нивна соодветна и одговорна употреба,“ нагласи тој.

Линдзи Едвардс, професорка по микробиологија од Кралскиот колеџ во Лондон, изјави дека ова истражување претставува „повик за будење“:
„Без решителна акција, антимикробната отпорност може да ги поткопа децениските напори за унапредување на детското здравје, особено во најранливите региони на светот.“

Извор: Хина

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни