Швајцарски суд нареди притвор од три месеци на ко-сопственикот на бар во луксузниот ски-центар Кран-Монтана откако во пожар што избувна во него на Нова Година загинаа 40 лица, објави денес швајцарската телевизија SRF. Обвинителите на кантонот Вале прво наредија притвор на ко-сопственикот Жак Морети во петокот откако го испрашуваа него и неговата сопруга Џесика, во исчекување на одлуката дали притворот е оправдан.
Двојката изрази тага поради пожарот и изјави дека целосно ќе соработува со истрагата. Обвинителите сè уште не ја коментирале одлуката на судот. Двојката е осомничена за „убиство од небрежност, телесна повреда од небрежност и палење од небрежност“.
Да ве потсетиме дека 40 лица, од кои повеќето тинејџери, ги загубија животите во страшен пожар за време на новогодишната прослава. Уште 116 лица беа повредени. Првичните резултати од истрагата укажуваат дека пожарот е предизвикан од прскалки кои запалиле звучноизолациска пена поставена на таванот на подрумот.
Неговата сопруга и ко-сопственичка, Џесика, која беше ослободена по сослушувањето, ја потврди употребата на прскалки. „Секогаш додаваме прскалка кога служиме шише вино во трпезаријата“, им рече таа на обвинителите. Истражителите, исто така, проверуваат дали во барот имало достапни противпожарни апарати и дали излезите биле во согласност со прописите.
