Три концерти на втората вечер на 42. Скопски џез фестивал

Богатата програма на втората вечер на 42. Скопски џез фестивал почнува во 20 часот во Националната опера и балет, кога настапува бендот на италијанскиот саксофонист Роберто Отавијано. Станува збор за музичар кој е присутен на светската џез сцена 30-ина години и е еден од лидерите на италијанскиот џез. Во Скопје ќе се претстави со својот нов проект, квинтетот „Eternal Love“, посветен на Африка, на нејзините луѓе, култура и музика.

Од 22 часот на истата сцена е концертот на дуото Силви Курвоазие (Швајцарија, пијано)-Мери Халворсон (САД, гитара), составен од две прославени современи импровизаторки.

„Курвоазие како пијанистка ги премостува фри џезот и европската класична музика, а Халворсон е деконструктивна импровизаторка, силно поврзана со бруклинската авангардна џез сцена“, најавуваат од СЏФ.

Полноќниот термин во Младински културен центар е резервиран за македонскиот бенд „Кобалт код јунит“, што го сочинуваат Благојче Томевски (кларинет), Стефан Миладинов (гитара), Симеон Ангеловски (бас гитара, синтисајзер, хармоника) и Драган Теодосиев (тапани). Досега имаат објавено два албума.

Тапанарот и композитор Теодосиев е годинешниот добитник на традиционалната награда за најдобар млад македонски џез музичар, што ја доделува Скопскиот џез фестивал (СЏФ), а ќе му биде врачена вечерва на концертот со „Кобалт код јунит“.

Најново

Последни колумни