Во Европската куќа во Приштина започна регионалниот младински фото-натпревар во организација на „WeBalkans“. Под мотото „Три, четири, сега! Европа е наша!“, оваа динамична иницијатива ќе трае до септември 2025 година. Со неа се поттикнуваат младите ширум Западен Балкан да ги раскажат своите приказни низ призмата на спортот и фотографијата.
Со фото-натпреварот, покренат во рамките на иницијативата „WeBalkans“ финансирана од Европската комисија, се испраќа порака дека спортот има моќ да ги урива границите и да ги поврзува луѓето. Како што се истакна на свеченото отворање, натпреварот е отворен за сите млади на возраст од 18 до 29 години, кои се охрабруваат да доловат моменти што отсликуваат инклузија, почит и единство – вредности на кои се темели спортот, а кои истовремено се и основните вредности на ЕУ. Без разлика дали станува збор за прашлив терен во некое село или жив уличен натпревар, натпреварот има за цел да покаже дека спортот е нишка што нè поврзува.
„Драго ми е што Приштина ја има честа да биде домаќин на отворањето на овој регионален натпревар, бидејќи Косово изобилува со талент и креативност – и воопшто не се сомневам дека на дел од најинспиративните фотографии. автори ќе бидат токму овдешните млади. Спортот е еден од највпечатливите начини да ја раскажеме приказната за тоа кои сме и кои се вистинските вредности што ги поврзуваат Западен Балкан и Европската Унија“, изјави амбасадорот Аиво Орав, шеф на канцеларијата на ЕУ во Косово и специјален претставник на ЕУ.
Натпреварот го поддржуваат истакнати спортисти како Аринета Мула, планинарка, маратонка и освојувачка на Еверест и Валбона Битиќи, професионална кошаркарка. Нивното присуство ги потсети присутните дека иако секој спорт има свои правила и шампиони, тој вистинската сила ја црпи од тимската работа, праведноста и вербата дека ниту една цел не е недостижна.
На отворањето присуствуваа повеќе од 50 млади луѓе, претставници на Европската Унија, инфлуенсери и медиуми од Косово и поширокиот регион на Западниот Балкан. Тимот на „WeBalkans“ ја искористи оваа прилика да ги претстави досегашните успешни кампањи и да ги истакне своите заложби во полето на комуникацијата, насочени кон зголемување на младинскиот ангажман и унапредување на регионалната соработка.
Целта на натпреварот е да се соберат преку 100 фотографии од млади ширум Западниот Балкан. Регионалното жири составено од шест експерти ќе избере 18 победнички фотографии, кои ќе бидат изложени на патувачка изложба во шест градови низ регионот. Секоја станица од изложбата ќе биде проследена со локални настани, на кои ќе учествуваат спортисти, Млади европски амбасадори (МЕА) и новинари, создавајќи можност за дијалог со заедницата и славење на спортот.
Фото-патувањето ќе заврши со онлајн гласање на веб-страницата webalkans.eu и социјалните мрежи, со што публиката ќе има можност да ги избере трите највпечатливи фотографии. Тројцата победници ќе бидат наградени со патување во еден од главните градови во Европската Унија, како симболичен чекор на нивниот пат кон Европа.
„Целта на оваа кампања не е само визуелниот приказ. Таа е осмислена да ги поврзе и мотивира младите и да послужи како инспирација. Преку овој натпревар сакаме да покажеме дека заедно играме, растеме и ја обликуваме иднината на Европа,“ изјави Сибора Сејдини, Млада европска амбасадорка во рамките на иницијативата „WeBalkans“.
Критериумите и формуларот за пријава за натпреварот се достапни на следниот линк: https://webalkans.eu/en/photo-contest/