Трговски преговори меѓу Кина и САД следната недела во Лондон

Заменик премиерот на Кина, Хе Лифенг, следната недела ќе се сретне со американска делегација во Велика Британија на трговски преговори, соопшти вечерва кинеското Министерство за надворешни работи.

Хе ќе престојува во Велика Британија од 8 до 13 јуни, на покана на британската влада. Тој заедно со американските претставници ќе копретседава со првиот состанок на Механизмот за економски и трговски консултации меѓу Кина и САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека преговорите ќе се одржат во понеделник во Лондон, во обид двете сили да постигнат договор околу царинскиот спор.

Според неговата објава на социјалната мрежа „Truth Social“, американската делегација ќе ја сочинуваат министерот за финансии Скот Бесент, министерот за трговија Хауард Лутник и претставникот за трговија на Белата куќа, Џејмисон Грир.

Ова ќе биде втор состанок помеѓу претставници на Кина и САД откако Доналд Трамп повторно ја презеде функцијата претседател. Првиот состанок се одржа средината на мај во Женева и привремено ги смири тензиите околу трговскиот спор.

Сепак, Трамп подоцна ја обвини Кина дека не ги почитува договорените услови.

Во април, Трамп ги зголеми царините на кинеската стока на 145 отсто, на што Пекинг одговори со зголемување на царините за американски производи на 125 отсто.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни