Трговскиот дефицит на Соединетите Американски Држави во размената на стоки со остатокот од светот во 2025 година достигнал 901 милијарда долари, покажуваат најновите податоци на United States Department of Commerce. Тоа е намалување од само 0,2 проценти во однос на 2024 година.
Минатогодишниот дефицит е нешто понизок и од рекордните 923,7 милијарди долари забележани во 2022 година, но останува на историски високо ниво.
Во текот на 2025 година, американскиот претседател Трамп воведе серија агресивни царини кон повеќе земји со цел, според администрацијата, да се израмнат глобалните трговски услови. Во април беше најавена општа царина од 10 проценти на целиот увоз, како и таканаречени реципрочни царини за земји што имаат трговски суфицит со САД.
Сепак, дел од тие мерки подоцна беа ублажени, а преговорите со клучните трговски партнери продолжија.
Во обид да ги избегнат трошоците од новите царини, американските компании во првите три месеци од 2025 година значително го зголемиле увозот. Подоцна трендот се стабилизирал, па во октомври бил регистриран најнискиот месечен трговски дефицит од 2009 година наваму.
Најголем трговски дефицит САД лани имале со Европската Унија – 218,8 милијарди долари, потоа со Кина – 202,1 милијарда долари и со Мексико – 196,9 милијарди долари.
Американскиот извоз на стоки во 2025 година достигнал вредност од 3.430 милијарди долари, што е пораст од 199,8 милијарди во споредба со 2024 година.
Истовремено, увозот се зголемил за 197,8 милијарди долари и изнесувал 4.330 милијарди долари.
И покрај агресивната царинска политика, вкупниот трговски јаз останува речиси непроменет, што отвора прашања за ефектите од мерките врз долгорочниот баланс на американската економија.