Трговијата меѓу САД и ЕУ изнесува 4.4 милијарди евра дневно: Може ли таа целосно да исчезне со новиот пакет царини?

Најавените царини од 30% од САД ја загрозуваат трансатлантската трговија вредна 4.4 милијарди евра дневно. ЕУ и САД се обидуваат да избегнат трговски конфликт и да постигнат договор до 1 август.

Најавените царини од 30 проценти од претседателот на САД, Доналд Трамп на европска стока може целосно да ја угасат трансатлантската трговија, предупреди комесарот на Европската комисија за трговија и главен преговарач со Вашингтон, Марош Шефчович. Сепак, изрази надеж дека сепак ќе се постигне договор.

„Царините од 30 проценти и повеќе би имале огромно влијание – продолжувањето на сегашното ниво на трговија меѓу ЕУ и САД практично ќе стане невозможно“, рече Шефчович по состанокот со министрите за трговија на земјите членки во Брисел. Трансатлантската размена на стоки денес вреди околу 4.4 милијарди евра дневно.

ЕУ сѐ уште се обидува со преговори да избегне царински војни

Шефчович додаде дека Унијата сака да ја искористи „секоја дневна шанса, секоја можност и секоја минута до 1 август“ за да се постигне договор. Тој порача дека од разговорите со министрите е јасно дека царината од 30 проценти е „целосно неприфатлива“.

Трамп минатиот викенд објави на социјалните мрежи дека најавува воведување царини од 30 проценти на европска стока од 1 август, иако преговорите со ЕУ до тогаш напредуваа кон договор за пониска царинска стапка од 10 проценти.

Во одговор на овој потег, Европската Унија одлучи да ги одложи контрамерките во вид на царини на 21 милијарда евра американска стока, кои требаше да стапат на сила во понеделник, се до 1 август. Министрите разговараа и за нов пакет контрамерки што би се однесувал на 72 милијарди евра американски извоз, но деталите сè уште не се познати.

Шефчович: Не трошиме три месеци на договор за сè да пропадне поради едно писмо

Преговарачите на ЕУ веруваа дека се блиску до начелен договор.

„Не би потрошиле три месеци договарајќи 1700 царински линии и разјаснувајќи секој детал од земјоделството до автоделовите за сè да пропадне поради едно – иако многу важно – писмо“, рече Шефчович. Тој додаде дека бил известен за писмото на Трамп непосредно пред да биде објавено на социјалната мрежа Truth Social.

Европските земји се загрижени, но не сакаат отворен судир

Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локке Расмусен, кој претседаваше со состанокот, порача дека Европа не сака трговска војна со САД бидејќи тоа ќе биде „фатално за двете страни“. Сепак, додаде дека „треба да се покаже сила“.

Францускиот претседател Емануел Макрон повика на забрзување на подготовките за одговор и користење на механизмот „контрамерки против принуда“ – нов закон што овозможува санкционирање земји кои ја користат трговијата како средство за притисок.

Германија и Италија против конфликт, но бараат решителен одговор

Откако германскиот канцелар Фридрих Мерц предупреди дека царината од 30 проценти сериозно ќе ја погоди германската индустрија, германската индустриска и трговска комора процени дека постојаната неизвесност околу американската царинска политика може да го намали германскиот извоз во САД за речиси една милијарда евра месечно.

Мерц повика на „прагматичен“ одговор, додека Италија предупреди да се избегне трговски конфликт. Земјите од Централна и Источна Европа исто така се загрижени – се плашат дека контрамерките на ЕУ би можеле да доведат до повлекување на американската воена поддршка во Европа.

Литванија предупредува за поширок геополитички ризик

Литовскиот министер за надворешни работи Кештутис Будрис рече дека ЕУ мора да избегне ескалација, нагласувајќи „геоекономски предизвици“ и проблеми кои треба да се решаваат заедно со Америка, како што е проблемот со фентанилот. Трамп претходно ги обвини Канада и Мексико дека не прават доволно за да го спречат внесот на овој опијат во САД, иако тоа не било дел од преговорите меѓу ЕУ и САД.

Велика Британија не преговара, но ќе биде погодена

Иако Велика Британија е една од ретките земји што потпиша трговски договор со администрацијата на Трамп, економски ќе ги почувствува последиците од трговската војна меѓу ЕУ и САД.

„Многу британски компании увезуваат компоненти од ЕУ и потоа ги извезуваат во САД, што значи дека може индиректно да бидат погодени од повисоките царини“, изјави Метју Ален, професор по економија на Универзитетот во Солфорд.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни