Трговија со електрична енергија во Европа: Кои земји најмногу увезуваат, а кои најмногу извезуваат?

По руската инвазија на Украина, енергетската безбедност стана клучна тема во Европа. Kои европски земји се најголеми увозници и извозници на електрична енергија во 2024 година?

Енергијата е суштински дел од нашите секојдневни животи и ‘рбет на нашите економии. По инвазијата на Русија врз Украина, енергетската безбедност стана важна тема во Европа исто како и достапноста на цената.

Со растечки геополитички тензии и сѐ поитензивна климатска криза, Европската унија се обидува да ги зајакне енергетските врски меѓу земјите-членки.

Со дејствување како заедница, наместо како фрагментиран блок, ЕУ ќе може „да ја зголеми својата сигурност на снабдување со струја и да интегрира повеќе обновливи извори на енергија на енергетските пазари“, изјави Европската комисија.

Според Меѓународната агенција за енергија (IEA), увозот и извозот на електрична енергија меѓу европските земји-членки на ОЕЦД значително се зголемиле во последните две децении.

Но, кои земји имаат највисоки нето стапки на увоз — што значи дека купуваат повеќе струја отколку што продаваат? А кои земји се нето извозници, продавајќи повеќе отколку што купуваат?

Меѓу 35 европски земји во 2024 година, 13 биле нето извозници на електрична енергија, додека 21 биле нето увозници, според податоците од Евростат. Само една земја, Кипар, известила дека нема увоз на електрична енергија.

Зависност од увоз

Главниот начин да се оцени колку една земја зависи од увоз на електрична енергија е преку споредба на нето увозот како процент од вкупната употреба на електрична енергија. Ако оваа стапка е позитивна, тоа значи дека земјата увезува повеќе отколку што извезува, додека негативен број укажува дека земјата е извозник — извезува повеќе отколку што увезува.

Меѓу 35 земји во 2024 година, „нето увоз како процент од електричната енергија достапна за конечна потрошувачка“ изнесувал во просек −0,5 % во ЕУ. Значи, во просек, земјите-членки на ЕУ извезувале повеќе отколку што увезувале.

Најголеми нето извозници: Шведска и Франција

Во неколку земји, нето извозот на електрична енергија го надминува увозот. Шведска зазема најсилна позиција со −27 %, а веднаш зад неа е Франција со −22 %.

Словенија (−19 %), Норвешка (−14 %), Словачка (−13 %), Чешка (−12 %) и Австрија (−10 %) се исто така силни извозници на електрична енергија.

Меѓу четирите најголеми економии во ЕУ, Франција (−22 %) и Шпанија (−4 %) се нето извозници, додека Германија (6 %) и Италија (18 %) се нето увозници.

Жак Персебоа, професор емеритус на Универзитетот во Монпелје, напомена дека земјите кои се нето извозници имаат значително производство од хидроелектрани — како што се Шведска и Норвешка — или голем нуклеарен капацитет, како во Франција и Шведска.

Нето увозниците се оние земји со висок удел на променливи обновливи извори, бидејќи тие увезуваат многу кога нема ветер или сонце.

Годишни флуктуации може да се случуваат

Броевите можат значително да варираат од година на година, што се гледа кога се споредуваат податоци за 2024 и 2023 година.

На пример, додека Грција била нето увозник со стапка од 10 % во 2023 година, таа станала нето извозник во 2024 со −0,6 %. Слично, нето увозната стапка на Хрватска се зголемила драстично од 10 % на 26 % во истиот период.

Експертите исто така ги истакнуваат енергетскиот микс и обрасците на употреба на електрична енергија како фактори на овие флуктуации.

Џон Спрингфорд, соработник при Центарот за европски реформи (CER), рече дека земјите кои се потпираат на природен гас за да ја одредат цената на струјата имаат тенденција повеќе да увезуваат електрична енергија.

„Земјите во кои гасот е по често маргинален производител ќе бидат поголеми нето увозници. Како што цената на гас е повисока и тие го користат почесто, овие земји ќе увезуваат повеќе од поевтини електрани од странство“, рече тој.

Рина Бохле Целер, програмски лидер за енергетската политика на ЕУ во „Agora Energiewende“, ја спомена Германија како пример: таа била нето извозник на електрична енергија низ две децении пред да стане нето увозник во 2023 година. Овој тренд се продолжил и во 2024 година.

Причините зад оваа промена вклучуваат „повисоки цени на јаглерод, што ја направиле германската електрана на јаглен помалку конкурентна на европскиот пазар“ и „повлекувањето на три нуклеарни реактори“, кажа Целер.

Таа додаде дека развојот на обновливи извори во соседните земји исто така ја зголемил понудата на екстремно ниски цени.

Нето волумен: Италија најголем увозник

Кога се разгледува нето волуменот на трговијата со електрична енергија, две големи економии стојат на спротивни страни. Италија е најголемиот нето увозник, со 51.000 GWh, следена од Германија со 26.269 GWh.

Во спротивност, Франција е најголемиот нето извозник на електрична енергија во апсолутни вредности, со 89.851 GWh, а веднаш зад неа е Шведска со 33.435 GWh.

„Франција стана најголем извозник на електрична енергија во светот во 2024 година со нето извоз од 90 TWh, што одговара на повеќе од годишната потрошувачка на Белгија“, рече Целер.

Ова главно било поттикнато од обновување на нуклеарното производство и зголемување за 10 % на генерирањето од обновливи извори.

Кога сонцето во Германија заоѓа, ветерот во Данска се крева

„Трговијата со електрична енергија преку граници е клучна карактеристика на енергетскиот систем на Европа. Таквите разменувања ја прават струјата поевтина за европските домаќинства и индустрија, а исто така се најевтин начин за гарантирање сигурност на снабдувањето“, рече Целер.

Тоа исто така ја олеснува интеграцијата на променливи обновливи извори — чиј излез варира во зависност од временските услови — со што се намалуваат емисиите во енергетскиот сектор, додаде таа.

„На пример, производство на ветерна енергија во Данска може да порасне кога соларното производство во Германија се намалува во вечерните часови“, додаде таа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни