Трето око

Животот на современиот Македонец е возбудлив и исполнет со содржина. Бесконечно распнати помеѓу поткиселувањето зелка и водењето бескомпромисна геостратешка политика, биеме исцрпувачка битка за конечно воведување правда на планетава. Во целата таа наша раскошна животна бркотница, сосем е возможно да се направи и понекој пропуст. Ете на пример, сигурно не сте забележале дека Цеца, Марина Абрамовиќ и Новак Ѓоковиќ се една те иста личност. На прв поглед е тешко да се забележи, но итрото македонско око, органот кој нашиот правдољубив народ традиционално го користи за донесување одлуки наместо мозокот, го потврдува тоа со 102,3% сигурност. Трето око дами и господа. Целата македонска итроштина сублимирана во сноп светлина кој се прекршува низ една зеница. Окото со кое ја гледаме личноста која размафтана со скапа срча – вреска дека ќотекот е љубов среде Турбо-Фолк фан пит, за подоцна да се спрепнеме на нејзиниот активизам против насилство врз жените на Фејсбук. Окото кое обединува.

Има еден збор кој го обединува ова селебрети трио: силување. Цеца ги силува вашите деца, Марина здравиот разум, а спортистот вашето здравје. Три во едно драги мои. Извонредна трансакција за слободарскиот дух на нашиот народ, кој фуриозно го празни капацитетот на своите бели дробови во борбата против нео-колонијализмот на Фејсбук и Твитер. Добра е тоа борба. Бескомпромисна. Океј, малку попуштаме кога е во прашање српскиот слиувачки нео-колонијализам, но емоции се во прашање. Отсекогаш сме биле емоционални и културолошки безнадежно романтични во улогата на духовна Бановина. Оттаму претпоставувам и оваа отворена наклонетост кон силувачи кои можат во било кое време да дошетаат до “доле“ и да се закитат со награда за животно дело. Предлагам награда за животно дело и за ПР-от на филмскиот фестивал Киненова, кој досетливо монтирал три жени така блиску до популарен силувач. Топ симболика, мошне синеастично и во духот на самонаметнатата духовна субординација. Впрочем кој не би сакал неговата ќерка, сопруга, сестра.. да поседи малку до така цврст и напнат мажјак, глумец, но пред сѐ и над сѐ домаќин. Срдечни честитки до сите инволвирани.

Не знам колку сте забележале, но пријатниот јужен ветрец на бановинскиот нео-колонијализам згодно коинцидира со љубовта кон “Големата мечка“, а такви вљубеници прават гужва наоколу. Вљубеници во декласираниот православен ПР за бестрашниот лидер, кој со мака се подигнува на прсти, за да ѕирне низ диктаторската клучалка со очите на #новТито (се чита споено). Па следи она познато дегенерирано бладање: “во Југославија беше овака, во Југославија беше онака. Тито правеше ова, Тито правеше она“… Во Југославија вљубениците на Големата мечка не постираа досетки и лажни вести на Фејсбук. Во таа земја таквите одеа на одмор на Голи Оток. Подолг работен одмор на море. Да фати боја малку човек, а и да подразмисли. Југославија беше токму обид за надминување на било каков колонијализам, дали од локален, регионален, или глобален карактер. Југославија значеше здружување, а здружувањето не прави посилни. Нео-колонијалниот однос не прави послаби. Нас поради безумната субординираност, нив поради нереалното чувство на прекумерна сила. Резултат: сите заедно подготвени за гмечење. Од надвор. Ние Македонците, нео-колонијализмот си го сакаме. Нашите “медиуми“ трујат со музички и културолошки турбо распад. Системски сме незаинтересирани за автентичната жива домашна култура. Нашите градоначалници во својот полу-живот на недоквакани шармери, трошат 90% од годишниот буџет предвиден за култура на општината, за еден концерт на Цеца, по можност со Слатки Грех. Овде – онде по нешто ситно на неколку анахрони домашни имиња кои се повторуваат како во некој злокобен круг чисто ради камуфлажа – и оп! – културно-забавен живот!

Децата бегаат во Скопје, па во Италија на берење јагоди, па било каде во Европа и светот, бидејќи парите предвидени за инвестирање во нивната иднина, гламурозните куратори на Јужната Бановина традиционално ги испраќаат на блискиот север, инвестирајќи и понатаму во криминалот, невкусот и самоубиството. Домовите на култура главно не работат, а домашните уметници работат за топол оброк. Боранија е супер, благодарам. Развој на домашна сцена, домашни ѕвезди? Не, благодарам. Парите и наградите одат кај силувачите. Ние? Ние ги чекаме да дојдат во посета за да се фотографираме со нив.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни