Трето место

Photo by Min An

Најдобрата реченица за совршен баланс која ја имам слушнато е: „Денот треба да ти е поделен на три делови, 8+8+8“, односно подеднаква поделба на спиење или квалитетен сон, работа и забава. Ако се навратиме на времето кога за прв пат работниците се избориле за осумчасовно работно време, нели…. први мај кога неколку луѓе (поточно над 300.000 лица) излегле на улиците за да се изборат за тоа дека не треба да живеат за да работат, туку да работат за да живеат или како и да беше оваа реченица да се каже точно.

И да си претпоставиме дека тогаш почнале луѓето да работат по 8 часа, да спијат исто толку и да ги посветуваат останатите осум часа на друго место, односно на тоа трето место. Библиотеките, местата за пиење кафе, ливада или тревник, твојот двор, планината. Река или езеро, шума, море или за некој и океан. Местата каде што одиш за да бидеш забавен, таму каде што се смееш и не си униформиран. Местото каде што не користиш Вие и повелете, туку ти и повели, каде што се чувствуваш безбедно да кажеш шега или да истресеш глупост, онаму каде што можеш да кажеш дека си со „твоите луѓе“. Ете такви места луѓето не знам дали уште имаат.

Не можам да определам кога почнува моментот кога на луѓето од прогресивно и слободно, почнува мозокот да им размислува капиталистички, материјално и назадно. Она за кое што порано луѓето страсно застапувале сега, со леснотија го погазуваат. Односно, секогаш ќе бидеш подобар ако ги надминеш тие осум часа работа, ако работиш неколку работни места истовремено, ако не спиеш доволно или ако телефонот ти го замени твоето трето место.

Вистинското задоволство се доживува искуствено, односно со вклучување на сите сетила. Нели, има некој толку добри спомени што може да ви ги врати само мирисот, истовремено ви се активира меморијата и се сеќавате како сте го гледале, чувствувале, допирале или мирисале просторот, тоа трето место. Каде е можеби ладно, ама пријатно ладно, можеби е топло, дури да се раскомотиш топло. Мене таквите места ми мирисаат на добро друштво, ми мирисаат на добра хумористична приказна кажана од рапав глас кој за мене звучи како најубавата мелодија.

Ама како поминува времето третото место ми е кај што ми е првото, дома, местото каде спијам, а понекогаш и работам. Третото место ми е во екранот, односно затоа што не можам да влезам во телефонот, третото место ми е на екранот. Затоа секој од нас посилно почна да плаче, наместо да се смее. Затоа што рамна стаклена основа, може да ти даде и рамна емоција.

Затоа што трето место не е нешто што може или треба да го кренеш и цел ден да го носиш со тебе. До трето место се оди… каде прегратките се топли, каде лицата се насмеани, каде кафето е највкусно и каде пивото е најладно.

Дали уште си негуваш трето место? Или си толку зафатен/на што заборави дека треба  да го имаш?

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни