Трето издание на филмскиот фестивал „Преку езерото“ во Дојран

Со проекција на филмот „Стела“, вчеравечер во Дојран започна третото издание на филмскиот фестивал „Преку езерото“ кој од 7 до 11 август, ќе се одржи на локации во Дојран, Богданци, Валандово и во Гевгелија.

Најмладата публика имаше можност одблиску да го запознаат Столе Вујичиќ, режисерот на „Стела“ и да прашаат сè за првиот македонски ЕКО филм.

Претходно, во Музејот на Град Дојран се оддржа работилница за филмска писменост со директорот на фестивалот „Преку езерото“, Јани Бојаџи, режисерот на „Стела“, Столе Вујичиќ и претседателот на Советот на фестивалот Мими Ѓорговска Илиевска.

Официјалното отворање ќе биде на 9 август со доделување на наградата „Мето Јовановски“ на актерот Владо Јовановски, како и проекција на филмот „Руски конзул“, последниот филм на Мето Јовановски.

Со проекции на пет долгометражни филма, од кои четири играни и еден документарен, фестивалот, кој е единствен од ваков вид во Македонија, ќе понуди програма за сечиј вкус, на отворено, на брегот на Дојранското Езеро.

Фестивалот веќе прераснува во етаблиран фестивал на балкански и на медитерански филм, во кој се разработуваат теми што го карактеризираат духот на Медитеранот, културата, уметноста и традицијата на медитеранските земји. Основната идеја на фестивалот од оваа година ќе биде негова регионализација, односно тој да стане фестивал на градовите од југоистокот на Македонија, како и вмрежување на културата и уметноста заедно со туризмот. Имаме прекрасни духовни, културни и цивилизациски вредности и време е да се научиме како да им ги понудиме тие вредности на туристите што го посетуваат овој регион – објаснува иницијаторот на фестивалот, режисер и продуцент, Јани Бојаџи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни