Третина жени во ЕУ доживуваат насилство – мнозинството никогаш не пријавува

Истражување на Агенцијата на ЕУ за основни права покажува дека околу 30% од жените во Унијата доживеале физичко или сексуално насилство, но само мал дел од случаите стигнуваат до полиција.

Околу една третина од жените во Европската Унија во текот на животот доживуваат физичко или сексуално насилство, но најголемиот број случаи никогаш не се пријавуваат, покажува најновото истражување објавено вчера.

Анкетата, спроведена од Агенција на ЕУ за основни права (FRA) и Европски институт за родова еднаквост, открива дека само 11,3 проценти од жените пријавиле во полиција физичко или сексуално насилство извршено од лице кое не им било партнер. Кога станува збор за насилство од интимен партнер, процентот е уште понизок – 6,1 отсто.

Срам, страв и недоверба

Како најчести причини за непријавување на насилството се наведуваат срамот, самообвинувањето, стравот и недовербата во институциите. Дополнителни фактори се недоволната информираност за достапната помош и ограничениот пристап до служби за поддршка.

Според податоците, 30,7 проценти од жените во ЕУ изјавиле дека доживеале некаков облик на насилство, што е благ пад во однос на 33 проценти регистрирани во првото вакво истражување од 2012 година. Студијата опфаќа и други форми на злоупотреба – психолошко, економско и онлајн насилство.

„Насилството врз жените претставува кршење на основните човекови права“, изјави директорката на FRA, Сирпа Раутио, нагласувајќи дека земјите членки имаат јасна обврска да го спречат насилството, да ги заштитат жртвите и да обезбедат пристап до правда.

„Нордиски парадокс“

Стапките на насилство значително варираат меѓу државите членки – од 57,1 процент во Финска до 11,9 проценти во Бугарија.

Високи стапки се забележани и во Шведска (52,5 проценти) и Данска (47,5 проценти), иако овие земји се сметаат за лидери во родовата еднаквост. Овој феномен, познат како „нордиски парадокс“, може да укажува на реални разлики во искуствата на жените, но и на различни модели на пријавување и перцепција на насилството.

Новото истражување се базира на интервјуа со речиси 115.000 жени на возраст од 18 до 74 години, спроведени во периодот од септември 2020 до март 2024 година.

Од Европска комисија изразија загриженост поради резултатите, оценувајќи дека обемот на непријавено насилство укажува на потребата од унапредување на системите за заштита и поддршка на жртвите. Борбата против насилството врз жените и семејното насилство, како што се наведува, останува еден од клучните приоритети на Европската Унија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни