Третата конференција „Наука за деца“ ќе се одржи на 18 и 19 октомври во просториите на училиштето НОВА во Скопје.
Конференцијата под мотото „Надгради ја твојата реалност“ ја организира Фондацијата „Кантарот“ .
Конференцијата ќе почне со свечено отворање и пет кратки предавања од финалистите на минатогодишниот конкурс за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“.
Присутните ќе ги поздрави Драгана Стикова, директорка на „Кантарот“, Иван Новаковски, директор на НОВС и Иго Бештел, директор на Француски институт во Скопје.
– Секое од предавањата е подготвено под менторство на истакнат македонски научник кој работи во странство, илустрирајќи ја разновидноста на научниот талент од Македонија. Потоа предавање ќе одржи проф. Бас Рокерс за виртуелната реалност и нејзиниот потенцијал да го трансформира начинот на кој учиме, играме и истражуваме. Отворањето ќе заврши со доделување на овогодишните награди за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“ и за најдобар млад презентер „Колега Стиков“ – велат организаторите.
На 19 октомври ќе биде отворена изложбата Parlez-vous fran-sci? во соработка со Францускиот институт во Скопје и ќе бидат организирани и трите научни работилници за ученици на возраст од 10 до 15 години.
За време на работилниците децата ќе истражат еден научен концепт во виртуелна реалност, а потоа ќе имаат практична демонстрација на тема електромотори, капиларна активност или француска наука.
Сите што сакаат да се регистрираат треба да направа симболична донација за фондацијата, Минималниот износ е 200 денари, но повисокиот износ ќе придонесе да биде организирана поквалитетна конференција.