На досега најмасовното издание на Red Bull Half Court во главниот град, во услови на перфектно-наелектризирана атмосфера, исполнета со луѓе до каде стига поглед, кои непрестано ги бодреа македонските улични кошаркари, најдобар помеѓу најдобрите беше тимот на EUROEDIL HOLDING.

Дечките од EUROEDIL HOLDING, тимот што успеа да ги освои срцата на публиката, стигнa до големото финале, каде во тесна, тешка и динамична борба го победија еден од фаворитите на турнирот, тимот на Кино Влае, првиот победник на Red Bull Half Court во Скопје.

Но, патот до финалето не беше така лесен, затоа што требаше да поминат низ неколку крајно неизвесни и тешки натпревари со екстремно конкурентни и квалитетни тимови-учесници на овогодинешното издание на Red Bull Half Court.

Она што му даде посебен белег на ова трето издание на најмасовниот турнир во 3×3 баскет во светот, беа спектакуларните настапи на феноменалните Dunking Devils, акробатско-забивачки словенечки тим кои приредија вистинско шоу за публиката која буквално го имаше окупирано секој метар од просторот.

Dunking Devils, со ритамот на Street Soul Delight (Toni Zen, DJ Mawrteen & DJ Boogieman), многу лесно успеаја да ја “вжештат” атмосферата и да ја дигнат публиката на нозе, со тоа штo вклучија неколку волонтери од публика да им асистираат во настапите, да им скокаат над глава, да прават салто пред да забијат и едноставно ја кренаа енергијата на теренот на едно сосема друго ниво, досега невидено за Red Bull Half Court во Скопје.

Освен настапите на словенечкиот акробатско-забивачки тим, сведок на турнирот беше и легендата на 3×3 баскетот – Душан Булут, кој во улога на амбасадор и специјален гостин на Red Bull Half Court во Скопје, ги гледаше и анализираше сите натпревари и со коментари и совети, успеа дополнително да ги мотивира тимовите да го дадат својот максимум.

Душан Булут на крај од денот, за победничкиот тим EUROEDIL HOLDING изјави дека низ сите фази на турнирот успеале да доминираат и да прикажат неверојатно храбра игра, дека играле со душа и срце на терен, без пардон.

Дефинитивно 15 јуни повторно ќе биде запаметен како датум кога се отвори ново поглавје во 3×3 баскетот во Македонија, а екипата на EUROEDIL HOLDING ќе се погрижи да ја пренесе таа позитивна енергија, возбуда и адреналин на Светското Red Bull Half Court финале во ноември во Дубаи.
За повеќе информации следете ја официјалната страна на Red Bull Македонија и нивниот Instagram профил.