Трет ден штрајк во Белгија – се приклучуваат и аеродромите и приватните болници

Синдикатите, кои го организираа штрајкот, бараат повисоки даноци за богатите и намалување на субвенциите за големите компании

Штрајкот во Белгија поради владините мерки за штедење влезе во третиот ден, а аеродромите, приватните болници и продавниците се приклучуваат на јавниот сектор.

Во понеделник, првиот ден од штрајкот, јавниот превоз во градовите беше нарушен, во вторник се прошири на јавните услуги, а за денес (среда) штрајкови се закажани и на аеродромите, приватните болници, некои продавници и училиштата.

На аеродромот во Брисел се откажани сите појдовни летови и повеќе од половина од дојдовните летови, додека на вториот по големина аеродром, Шарлроа, сите летови се откажани.

Белгиската коалициска влада во понеделник вечерта постигна договор за повеќегодишни буџетски планови, според кои до 2029 година ќе бидат заштедени нешто повеќе од 9 милијарди евра. Поголемиот дел од оваа сума, 60 проценти, ќе се постигне со намалување на буџетските расходи, а 40 проценти со нови приходи.

Синдикатите, кои го организираа штрајкот, бараат повисоки даноци за богатите и намалување на субвенциите за големите компании. Меѓу другото, тие се противат на пензиската реформа и планираното олабавување на прописите за ноќна работа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни