Владата на Република Северна Македонија, во присуство на министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска одржа координативен состанок за искористување на одобрените средства за капитални дотации до единиците на локалната самоуправа во областа на културата за 2023 година.
Со оваа програма Општина Маврово и Ростуше добива проект за реконструкција на стара училишна зграда во село Тресонче, родното село на познатиот Дичо Зограф, која ќе се ревитализира во мултифункционален културен центар.
На состанокот, на кој присуствуваа и некои од градоначалниците на единиците на локалната самоуправа, беа споделени информации за одобрените проекти за поддршка на локалните заедници. Притоа Костадиновска-Стојчевска ја истакна важноста на заложбите меѓу државната и централната власт во остварување на заедничките цели.
„Планирањето, обезбедувањето и реализацијата на финансиските средства за капитални дотации во областа на културата за единиците на локалната самоуправа, Министерството за култура ги спроведува во согласност со програмските и стратегиските определби на Владата во насока на поттикнување и спроведување рамномерен регионален културен развој. Истовремено, инвестирањето во културната инфраструктура на локално ниво е инвестиција во иднината на нашата земја и на нашите граѓани“, рече министерката.
„Со вакви инвестиции ќе создадеме соодветни услови каде што ќе се одржуваат бројни културни настани и ќе се привлекуваат повеќе посетители и туристи кои ќе се запознаваат со културата, историјата и убавините на нашата општина“, вели градоначалникот Медат Куртовски.
Костадиновска-Стојчевска информира дека по објавениот оглас за распределба на капиталните дотации во областа на културата, посебно формирана комисија ги разгледа пристигнатите проекти и врз основа на критериумите, процедурите и роковите, од вкупно 13 пристигнати проекти од 11 општини, средства беа доделени за 9 проекти за чија реализација се распределени околу 40 милиони денари (39.964.237,00 денари).
„Маврово и Ростуше во село Тресонче и Општина Кривогаштани ќе добијат мултифункционални културни центри. Културниот центар во Валандово ќе се санира, а со тоа се обезбедуваат современи услови за работа, инвестираме и во сценската инфраструктура на Крушево како важен културен, историски и туристички центар, како и во живописното Кратово, град кој е сѐ поатрактивна туристичка и културна дестинација. Започнуваме проекти за реконструкција и адаптација на зградата на Центар за култура Крива Паланка, како и за почеток на изградба на дом на култура во Општина Чашка“, објави министерството.
Се додава дека се продолжува со реконструкција на Спомен-домот „АСНОМ“ во Делчево, како и со изградбата на Домот на културата во с. Куклиш, Струмица.