Опасност од излевање: Треска на критично ниво, Вардар со висок водостој

УХМР предупредува на внимателно движење покрај реките, можни локални заезерувања во Пелагонија и Демирхисарско

Реката Треска утрово е на критично ниво, а Вардар бележи исклучително висок водостој во горното течение, со реална опасност од излевање, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Според УХМР, водостојот на Вардар и натаму е исклучително висок во горниот тек и постои ризик од излевање во тие делови. До крајот на денот се очекува висок водостој и во средното течение, како и зголемување на нивото во долниот тек, особено кон Демир Капија и Гевгелија.

Реката Треска бележи намалување на нивото, но и понатаму е на критична граница, при што постои опасност од излевање на одредени делници по течението.

Зголемен водостој е регистриран и на реката Црна. Во нејзиниот слив се можни локални заезерувања, во Демирхисарско и во Пелагонискиот регион во текот на денот.

Во однос на реката Кичевска, водостојот постепено се намалува, но на терен и понатаму има заезерени и поплавени површини.

Од УХМР апелираат на внимателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денот, со оглед на можноста од локални излевања и задржување на водата во пониските делови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни