„Ќе следува тоа што вас најмногу ќе ве боли. Ќе собереме 10.000 гласови и потписи со кои ќе станеме овластен предлагач и ќе бараме да ви се намалат платите за 80 отсто. Ќе бараме минималната плата да се зголеми на 600 евра и за најмалку 6.000 денари да се зголемат и другите плати. Ќе ве ставиме на тест – ќе гласате ли за себе или за луѓето кои со својот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз“, порача претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, обраќајќи се пред насобраните граѓани на денешниот протест во Скопје.
Со овие зборови започна протестот организиран од ССМ, на кој попладнево се приклучија неколку стотици граѓани, работници од различни сектори и синдикални организации. Протестот почна пред зградата на ССМ, а протестната колона најави марш кон Собранието, Стопанската комора и Владата.

Централното барање на синдикатите е зголемување на минималната плата на 600 евра, како и линеарно зголемување на сите останати плати, во услови на високи трошоци за живот и инфлација што, според нив, целосно ја изела куповната моќ на работниците. Трендафилов истакна дека две години траат безуспешните преговори со Владата и работодавачите и дека протестот е последна алатка откако дијалогот не вродил со резултат.
На протестот учествуваат и вработени во полицијата, откако Македонскиот полициски синдикат донесе одлука да се приклучи на протестите на ССМ. Од синдикатот порачаа дека барањата за зголемување на платите се усогласени и со претходните иницијативи доставени до пратениците, со кои се бара зголемување на платите во МВР и безбедносните институции.
Синдикатите предупредуваат дека актуелната минимална плата не овозможува достоинствен живот и дека е повеќекратно пониска од потрошувачката кошница. Истовремено, тие укажуваат на големиот јаз меѓу платите на работниците и платите на функционерите, што, според нив, создава длабока социјална неправда.
Од Владата, пак, повторија дека законското зголемување на минималната плата ќе се случи во март, додека премиерот Христијан Мицкоски оцени дека протестот има и политичка димензија. ССМ, сепак, најави дека доколку не дојде до конкретен одговор на нивните барања, синдикалниот притисок ќе продолжи, вклучително и преку иницирање законски измени со директна поддршка од граѓаните.
