Трендафилов алармира: Илјадници вработени во државни институции без плата пред Први мај

Голем број вработени во државни институции сè уште ја чекаат својата плата, алармираше првиот синдикалец Слободан Трендафилов. Без основни средства за живот се оставени културните работници, вработените во Министерството за економија, трудовата инспекција, пазарните инспектори, дел од обвинителството и секторот за водостопанство.

Трендафилов истакна дека голем број од работниците после велигденските празници за жал сè уште немаат добиено плата и биле оставени со празна трпеза за празникот.

„Вработените во културата кои вчера излегоа на протест до утринава немаат добиено плата, моите податоци се дека вработените за жал во Министерствот за економија и труд се уште не ја добиле нивната плата, вработените во Државниот пазарен инспекторат кој треба да ги спроведува мерките на Владата и кој треба да ги контролира нефер трговските практики и нефер трговците исто така според моите сознанија немаат добиено плата, вработените во дел од Јавното обвинителство немаат добиено плата, вработените во Водостопанство каде што имаше голем удар врз работниците да се зачленат само во друг синдикат се уште ја немаат добиено својата плата“, рече Трендафилов.

Тој на Први мај ги повика сите синдикати и работници на протест, со цел да го изразат своето незадоволство и да побараат повисоки плати.

„Недостоинствените услови за работа и недостоинствените плати, се главниот мотив оваа година на први мај да протестираме, а да не маршираме, поради тоа сметаме на сите оние работници кои сметаат дека имаат нисики примања, односно ниски плати, сите работници кои сметаат дека се понижени од страна на нивните работодавачи“, вели Трендафилов.

Дополнително, тој ја критикуваше владината потрошувачка кошничка, оценувајќи дека властите преку неа им диктираат на граѓаните што треба, а што не треба да јадат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни