Во анкетата се вклучени и голем број на јавни личности, кои го познаваат и сакаат Скопје. Музичари, актери, диџеј артисти, режисери, новинари споделуваат свои искуства, мислења и даваат совети како Скопје да се развива како вистинска европска метропола. Игор Џамбазов, Соња Исмаил, Дарја Ризова, Наташа Мешковска, Ана Стојановска, Олга Панго, Миа Костова и многу други се дел од оваа анкета на платформата „Терапија“.
Основачот на Терапија, Тренчева Слободанка – Боте во отворен разговор ни зборува за целта на ова истражување, но и за последниот мултимедијален настан кој се организираше на Спомен – костурницата во Велес, како и за претстојните планови и проекти.
Трн: Боте, која е целта на истражувањето, анкетата која ја спроведува „Терапија“ ?
Боте: Целта е да ги мапираме критичните точки, проблемите во градот. Точно е дека проблемите сите ги знаеме, но сакаме да ги слушнеме од различни страни, индивидуи, луѓе кои се важни во овој град и се релевантни претставници на културата и на ноќниот живот. Сите нивни мислења, коментари ќе бидат наш патоказ за да му пружиме подобра терапија на главниот град. Скопје никогаш не делувало потажно и затоа мора да делуваме.
Трн: Некогаш и сега, не можеме да правиме споредби, но што по тебе е клучно за Скопје повторно да биде метропола?
Боте: На Скопје денеска му фали љубов, енергија и добри луѓе. За жал, сето ова недостасува во големи количини. Живееме брз и динамичен живот, но веќе сѐ ни пречи, сѐ ни смета… Ни смета секој звук од локалите, секоја музика од кафичите и дискотеките, ни смета дури и детскиот џагор. Станавме лути, огорчени и гневни луѓе. Порано Скопје пулсираше до раните утрински часови, сега сирените од полицијата и брзата помош се доминантни и најчести звуци во овој град. Треба да правиме многу настани, соработки, да се здружуваме и да вложуваме во младите луѓе, артисти, но и да не ги заборавиме сите оние кои вложиле дел од својот живот за културата и за сцената.
Трн: Но, некако како и настаните, забавите и низ Европа и светот да се променети… кое е твоето мислење?
Боте: Нормално е да се менуваат работите, не може да биде ништо како вчера, како во 2010, 2000 или 90-та. И не треба да биде исто. После ковид кризата особено, но и пред тоа започна да се менува концептот на забава или журка. Социјалните мрежи, Интернетот си го направија своето, но и визуелните и сценските ефекти кои сега се во преден план. Не секоја журка и на Миконос, Ибица или Тулум е вредна и енергична, но кога тоа го гледаме на Инстаграм, на стори или reel добиваме друга перцепција… Сепак, во Европа и светот за среќа сѐ уште има добри, квалитетни журки и има фестивали, настани кои се навистина уживање. Мене ми е криво што регионот веќе е далеку пред нас. Белград е центар на ноќниот живот, а во 90-те од Белград доаѓаа луѓе да излезат во Скопје… Приштина и Тирана исто така отидоа далеку напред… Свесни за промените во светот, сакавме и ние како „Терапија“ да понудиме еден нов концепт на забава и социјализација на младите, повозрасните, на сите генерации.
Трн: Последниот настан на Спомен – костурницата во Велес насловен како „Нова надеж“ навистина делуваше маркантно и многу уникатно. Ова ли е насоката во која продолжувате?
Боте: Апсолутно. „Терапија“ е пионер во Македонија во поврзувањето на објектите од нашето културно наследство со музика и визуелизација. Настаните се мултимедијални. Имаат едукативен дел, се зборува за домашното културно наследство, а потоа имаме домашни DJ артисти кои преку адаптирани сетови ја анимираат публиката. Основната цел е младите да ги донесеме на овие јавни простори, кои претходно (за жал) и ги немаат посетено. Голем дел од овие објекти се и заборавени, запуштени и затоа сакавме да дадеме „живот“ на истите, а во современ контекст тоа значи добра музика и уште подобар визуелен перформанс (мапирање на просторот). Вакви настани организиравме во главна Пошта во Скопје, во Музејот на град Скопје, во МСУ, на „Македониум“ (Крушево), Споменикот на слободата во Кочани и сл.
Трн: Што да очекуваме следно од „Терапија“ ? Дали останувате само со организација на вакви настани или ќе има и класични журки?
Боте: Секако дека ќе продолжиме со мултимедијалните настани по објектите од домашното културно наследство. Сега работиме на проектна апликација за 2025 година на јавниот повик на Министерството за култура. Исто така, се ближи и роденденот на „Терапија“, кој ќе биде одбележан со баш добра забава, но за тоа ќе објавиме дополнителни информации.
Тоа што сакам да го истакнам е дека го почнуваме и проектот CREATIVE THERAPY – ALL YOU NEED. Тоа значи дека сите заинтересирани граѓани, компании, организации и сл., можат да нѐ контактираат за нивниот приватен или корпоративен настан и нивниот простор, просторот во кој ќе се одржува настанот да добие една нова димензија, да биде уникатно осветлен, визуелизиран согласно карактерот на настанот.
Сакаме да понудиме еден нов концепт на настани и малку да заличиме на тоа што значи современо, модерно и светски.