Во Македонија е пуштена во употреба првата мобилна апликација посветена на велосипедизмот – Travelers Cycling Macedonia, платформа чија цел е да го поттикне користењето на велосипедот како превозно средство и да им помогне на граѓаните полесно да се движат низ урбаните средини.
Во оваа иницијална фаза, апликацијата е достапна за Android корисници, а за следната година е планирано проширување и на други уреди и платформи. Апликацијата може да се преземе преку Google Play Store.
Travelers Cycling е непрофитна заедница која со години работи на промоција на велосипедската култура. Новата апликација нуди корисни информации за велосипедски патеки, паркинг-локации, пумпи, сервиси, совети, календар со настани, локална временска прогноза и други ресурси што им го олеснуваат движењето на велосипедистите.
Иницијаторите истакнуваат дека зголемувањето на бројот на велосипедисти придонесува не само за почист воздух, туку и за побезбедни и поодржливи градови. Со растечката употреба на велосипедите, се зголемува и потребата од подобра инфраструктура, што дополнително може да ги мотивира локалните власти да инвестираат во велосипедски патеки, паркинзи и безбедносни решенија.
Повеќе информации за иницијативата се достапни на официјалната веб-страница Travelers Cycling, како и преку нивниот блог посветен на развојот на апликацијата и мисијата на заедницата.
