Transmission е музички концепт во кој тапанот ги спојува традицијата и современоста, акустичниот израз и електронската естетика. По две децении музичко пријателство „по кавадаречка линија“, Александар Петров и Васил Хаџиманов преку овој проект создаваат звучен дијалог што ја поврзува фолклорната меморија со денешните клупски хоризонти.
Концертот е структуриран во два дела. Првиот е посветен на нивните херои од детството – Никола Бадев, Кирил Манчевски и Зафир Хаџиманов – и ќе биде збогатен со вокалната присутност на Тања Царовска, носејќи длабочина и емоционална нишка. Вториот дел го отвора поновиот творечки период на проектот, насочен кон електронската музика, што дел од публиката и издавачите ја препознаваат како organic / progressive house.
Концертната вечер Transmission ќе се одржи на 24 декември, со почеток во 20 часот, во културниот простор Станица 26. Влезниците се по цена од 1.000 денари, а можат да се набават во THREE BAR & KITCHEN, Soma и Чашка.
Transmission ветува вечер во која ритамот е раскажувач, а звукот – заеднички јазик на минатото и иднината.