Наградата „Мето Јовановски“ е највисоко државно признание за долгогодишни заслуги во промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права. Таа се доделува секоја година на 10 декември, по повод Меѓународниот ден на човековите права, во чест на Мето Јовановски, првиот претседател на Хелсиншкиот комитет, кој го посветил својот живот на борбата за правда и еднаквост.
Која е Лила Милиќ?
Лила Милиќ, ко-основачката на иницијативата „ТрансФормА“ и добитничка на државната награда „Мето Јовановски,“ е пример за упорност, храброст и борба за прифаќање и еднаквост. Со својот долгогодишен активизам, Лила се вбројува меѓу најистакнатите борци за човекови права во Северна Македонија.
Нејзиниот пат започнува како активистка за правата на сексуалните работници и работнички, со фокус на подигање на свеста за нивната маргинализација. Во 2017 година, Лила се приклучува кон транс-активизмот, носејќи го својот ангажман на повисоко ниво и станувајќи највлијателниот глас на трансродовото движење во земјата.
Како транс-жена која живее отворено во конзервативно општество, Лила секојдневно го предизвикува статус квото, инспирирајќи многумина со својата непоколеблива волја и личен пример. Преку својата работа, таа трасира пат кон достоинствен живот за сите, поддржувајќи ја декриминализацијата на сексуалната работа и прифаќањето на трансродовите лица во општеството.
Во продолжение прочитајте го говорот на Лила Милиќ, при доделувањето на наградата „Мето Јовановски“ кој го прочита Славчо Димитров и кој ја зема наградата во нејзино име.
,,Денешниот ден има историско значење – за прв пат во нашата држава, трансродова личност добива вакво високо признание. Оваа награда „Мето Јовановски“ не е само потврда за мојата посветеност, туку и за храброста и истрајноста на целата трансродова заедница.
Како трансродова личност и активистка со 16-годишно искуство, а последните 9 години со посветеност на правата на трансродовите лица, оваа борба не ја гледам само како колективна. Таа е и моја лична борба. Mи претставува гордост што можев да придонесам кон создавање на простор за дијалог, видливост и поддршка., бидејќи верувам дека секоја приказна носи промена.
Во изминатите три години, со мојот тим, реализиравме активности кои го обликуваат патот кон подобра иднина за трансродовата заедница:
• Организиравме конференции и маршеви, вклучувајќи го и Маршот на видливост, кој го започнавме во 2019 година. Тој прерасна во традиционален настан кој ги охрабрува трансродовите луѓе да бидат видливи и да ги бараат своите права.
• Публикувавме „Транзин,“ првиот магазин кој ја слави историјата и идентитетите на транс заедницата.
• Работевме на обуки за професионалци, застапувавме за правно признавање на родот, и ја зголемивме јавната свест преку говори и медиумски активности.
Маршот и другите активности се повеќе од симболи. Тие се платформа за видливост, поддршка и гласност за нашите потреби и права.
Оваа награда не е само признание за моите напори, туку и порака дека правдата, еднаквоста и инклузивноста се можни. Таа е доказ дека секој човек, независно од идентитетот, може да биде дел од општествениот прогрес.
Иако денес не сум физички присутена, мојот глас секогаш ќе биде со оние кои се борат за правда и еднаквост, па затоа од овој момент пишуваме нова историја – историја на видливост, гордост и препознавање.
Благодарам од срце.
Со почит,
Лила Милиќ