Трамп ѝ постави услов на Кина пред самитот со Си: Помогнете во Ормутскиот теснец или ја одложувам средбата

Транп бара од Кина да помогне во решавањето на кризата во заливот и најави дека самитот во Пекинг може да биде одложен.

Американскиот претседател Доналд Трамп навести дека би можел да го одложи планираниот самит со кинескиот лидерХи Џинпинг, доколку Пекинг не покаже подготвеност да помогне во решавањето на кризата во Ормутскиот теснец.

Во интервју за Financial Times, Трамп истакна дека сака да ја знае позицијата на Кина за безбедноста на оваа клучна поморска рута, низ која минува огромен дел од светската трговија со нафта, пред да се одржи средбата во Пекинг подоцна овој месец.

„Мислам дека и Кина треба да помогне бидејќи тие добиваат 90 проценти од својата нафта од теснецот“, изјави Трамп.

Тој додаде дека администрацијата во Вашингтон сака јасен став од Пекинг пред самитот. „Би сакале да знаеме пред состанокот. Две недели е долго време“, рече Трамп, додавајќи дека постои можност средбата да се одложи доколку нема јасен сигнал од кинеската страна.

Неизвесност околу реакцијата на Кина

Подоцна, зборувајќи со новинарите во претседателскиот авион Air Force One, Трамп изјави дека сè уште не е сигурен дали Кина ќе се приклучи на меѓународните напори за обезбедување на поморскиот коридор.

„Не можам да кажам со сигурност, но Кина е интересен случај за следење“, рече американскиот претседател.

Тој посочи дека Пекинг во голема мера зависи од нафтата што поминува низ Ормутскиот теснец, што, според него, треба да биде доволна причина Кина да се вклучи во обезбедувањето на водниот пат.

„Ги прашав: ‘Дали сакате да се вклучите?’ Па ќе видиме“, изјави Трамп, додавајќи дека одлуката на Кина може да биде условена од пошироки геополитички интереси.

„Можеби ќе го сторат тоа, можеби нема. Постојат некои подлабоки причини зошто можеби нема да се вклучат“, додаде тој.

Повик за поширока меѓународна коалиција

Коментарите на Трамп доаѓаат само еден ден откако тој повика повеќе држави да се приклучат на, како што го нарече, „заеднички напор“ за повторно обезбедување на Ормутскиот теснец.

Меѓу земјите што ги спомена се Кина, Јапан, Франција, Јужна Коеа и Велика Британија.

Овој стратешки премин е еден од најважните енергетски коридори во светот – се проценува дека низ него минува околу една петтина од глобалните испораки на нафта, што го прави клучен за светската економија.

Дипломатски подготовки за самитот

Во меѓувреме, американскиот министер за финансии Скот Басент се сретна со кинескиот вицепремиер He Лифенг во Париз. Средбата има за цел да ги подготви економските и политичките теми пред планираниот самит меѓу Трамп и Си во Пекинг.

Разговорите се одвиваат во чувствителен момент за глобалната безбедност и енергетските пазари, бидејќи тензиите поврзани со Иран и поморските рути во Персискиот Залив повторно го отвораат прашањето за меѓународна координација во заштитата на клучните трговски патишта.

Дали Кина ќе се приклучи на иницијативата што ја предлага Вашингтон – и дали самитот меѓу Трамп и Си ќе се одржи според планот – засега останува неизвесно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни