Американскиот претседател Доналд Трамп во телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски порачал дека сака што побрзо да се стави крај на војната со Русија, објавува порталот Axios, повикувајќи се на украински официјален претставник и уште два извора запознаени со разговорот. Според нив, целта на Трамп е да се постигне мировен договор до летото, иако разликите меѓу Украина и Русија, особено околу контролата врз териториите на истокот, остануваат сериозна пречка.
Телефонскиот разговор, кој траел околу половина час, бил првиот директен контакт меѓу двајцата лидери по нивната средба во Давос на крајот од јануари. Тој се одржал ден по четвртата годишнина од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина и непосредно пред планираните разговори во Женева меѓу американски и украински преговарачи.
Според изворите, на средбата во Женева се очекува да учествуваат и американските пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф, кои биле вклучени и во телефонскиот разговор. Постојат информации дека рускиот претставник Кирил Дмитриев би можел да има одделни разговори со американската страна.
Изворите наведуваат дека разговорот меѓу Трамп и Зеленски бил „многу пријателски и позитивен“. Зеленски му се заблагодарил на Трамп за досегашната поддршка и изразил уверување дека токму тој може да изврши притисок врз Владимир Путин за да се стави крај на конфликтот.
Според еден од изворите, украинскиот претседател изразил надеж дека војната ќе заврши оваа година, на што Трамп одговорил дека конфликтот трае предолго и дека би сакал да заврши во рок од еден месец. Белата куќа засега не дала официјален коментар за разговорот.