Мерката ќе овозможи побрзо закажување интервјуа за визи за сите навивачи кои своите билети ги купиле преку ФИФА.
Новата иницијатива, наречена FIFA PASS, е замислена како систем за приоритетно закажување термини („prioritized appointments scheduling system“) и претставува обид да се балансираат заострените миграциски политики на Трамп со очекуваниот голем прилив на посетители за време на турнирот.
„Доколку имате билет за Светското првенство, ќе можете да добиете приоритетен термин за виза“, изјави првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, по средбата со Трамп во Овалната канцеларија. Тој додаде дека САД повторно покажуваат дека „го поздравуваат светот“.
Трамп ги охрабри навивачите кои планираат да патуваат на Мундијалот навреме да аплицираат за виза.
Државниот секретар Марко Рубио соопшти дека над 400 дополнителни конзуларни службеници се распоредени ширум светот за да одговорат на зголемената побарувачка. Во околу 80 проценти од земјите, термин за виза може да се добие во рок од 60 дена.
Со новиот систем, навивачите кои купиле билети преку ФИФА ќе имаат пристап до специјализиран портал што ќе ја забрза обработката на нивните апликации и закажувањето на интервју во Стејт департментот.
„Проверките ќе останат исти како и за сите други – единствената разлика е што овие патници ќе се најдат повисоко на листата на чекање“, истакна Рубио.
Во 2026 година ќе се одиграат 104 натпревари во Канада, Мексико и САД. Трамп го посочи Мундијалот како еден од своите приоритетни проекти. Инфантино често ја посетува Белата куќа во пресрет на извлекувањето на групите, закажано за 5 декември во Кенеди центарот.
Трамп повторно најави можност за преместување на натпревари од градови кои ги смета за небезбедни, со посебен осврт на Сиетл, каде што градоначалничката Кејти Вилсон поддржува политики спротивни на неговите ставови, вклучително и статусот на „сигурен град“ за мигранти.
„Доколку сметаме дека може да има проблеми, ќе го замолам Џани да го премести натпреварот во друг град“, порача Трамп.
Инфантино не даде директен коментар за оваа можност, но нагласи дека безбедноста е „апсолутен приоритет“, додавајќи дека високата продажба на билети покажува „голема доверба во САД“ како домаќин на турнирот.
Извор:N1info.rs
