Трговската војна меѓу двете најголеми светски економии жестоко ескалира. Белата куќа објави дека Кина сега може да биде погодена со царина до дури 245 проценти на извозот во САД, како последица на нејзините „мерки на одмазда“.
Станува збор за највисока досега спомената царинска стапка, наведена во новообјавениот документ со извршна наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп. Наредбата најавува и истрага за ризиците по националната безбедност на САД поради зависноста од увозот на преработени критични минерали и сродни производи.
На прашање за царината од 245%, портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи, Лин Џиен, изјави дека за конкретните бројки треба да се обратат на американската страна. Но додаде:
„Кина повеќепати јасно го искажа својот став за прашањето со царините. Оваа трговска војна ја започнаа САД, а кинеските контрамерки се неопходни за заштита на легитимните права и интереси на Кина и меѓународната праведност и правен поредок. Тие мерки се целосно оправдани и легални.“
Тој нагласи дека Кина не сака трговска војна, но не се плаши од неа:
„Во трговски и царински војни нема победници. Кина не сака војна, но сигурно нема да се повлече ако биде принудена.“
Како започна трговската војна?
Откако Доналд Трамп повторно стапи на функција годинава, го прогласи „Денот на ослободување на американската економија“ – симболичен почеток на нова фаза од економска конфронтација со светот, особено со Кина. Веќе во првите недели, администрацијата започна серија агресивни трговски мерки, тврдејќи дека САД мора да престане да зависи од „непријателски држави“ во стратешките сектори.
Во март беа воведени основни царини од 10% на целиот увоз од повеќето земји, со дополнителни „реципрочни“ царини за земји кои, според САД, ограничуваат пристап на американска стока. За Кина, овие царини достигнаа 145%, а сега, според Белата куќа, можат да одат до 245% – највисоки во историјата на трговските односи меѓу САД и Кина.
Кина веднаш одговори со: царини од 125% на американска стока, ограничување на увозот на земјоделски производи и извозни контроли на ретки метали како диспрозиум и тербиум, клучни за електрични возила и млазни мотори.
Трамп најави истраги за национална безбедност поврзани со увозот на критични суровини, забрани одредени кинески технологии и најави дополнителни мерки за земји кои би ѝ помогнале на Кина да влезе на американскиот пазар. На пример, Виетнам е под закана од царини од 46%.
Кина, и покрај ударот, задржува пркосен став и се обидува да се пренасочи кон Југоисточна Азија, каде што отвора фабрики што извезуваат стока под други ознаки. Истовремено, Си Џинпинг води дипломатска офанзива, претставувајќи ја Кина како посигурен економски партнер од САД.
Иако Трампова политика добива поддршка од неговите гласачи како „одбрана на американските работни места“, предизвика: пораст на цени на увозна стока, финансиски турбуленции и поделби во американскиот бизнис-сектор.
Трговската војна меѓу САД и Кина сега се води на повеќе фронтови – царини, технологии, суровини, валути и дипломатија – и нема многу наговестувања дека наскоро ќе заврши.