„Вечерва се случи историја. Надминавме препреки за кои сите велеа дека е невозможно да се поминат. Видете што се случи, зарем ова не е лудо. Но, ова е политичка победа која земјата досега не ја видела„ рече Доналд Трамп во своето обраќање пред поддржувачите откако првичните проекции на резултатите од изборите покажуваат дека тој ќе биде 47. претседател на Соединетите Американски Држави (САД).
„Многу луѓе велеа дека Господ ми го поштеди живото со причина, а таа причина беше да ја направиме Америка повторно голема. Задачата нема да биде лесна, но ќе го искористам секој дел од мојата сила за да го постигнам тоа. Ова е најважната работа во светот“, рече Трамп од сцената на неговиот имот во Мар-а-Лаго.
Тој на сцената на својот имот во Мар-а-Лаго, во Флорида се појави со своето семејство и неговиот изборен тим. Порача дека во Америка доаѓа нова златна ера, во која земјата повторно ќе биде голема, алудирајќи на мотото на неговото движење „Да ја направиме Америка повторно голема“ (Make Amarica Great Again – MAGA).
„На земјата ѝ треба помош, ќе ги поправиме границите, ќе поправиме сè. Ќе се борам за секој граѓанин, за вашите семејства со секој здив во моето тело додека не видиме безбедна и просперитетна Америка која ја заслужувате. Ова ќе биде златна ера на Америка. Ова е извонредна победа за американските граѓани која ќе ни овозможи да ја направиме Америка повторно голема“,рече Трамп пред насобраните поддржувачи кои извикуваа „Ју-ес-еј“ (САД).
Луѓето што стојат зад мене завршија одлична работа, рече тој заблагодарувајќи му се на својот изборен тим, а ја потенцира и победата со која републиканците повторно ќе го имаат мнозинството во Сенатот на американскиот Конгрес.
Трамп се заблагодари и на својата сопруга Меланија Трамп и на неговите деца.
„Сакам да ѝ се заблагодарам на мојата прекрасна сопруга Меланија, првата дама, која ја има најпродаваната книга во земјата, дали ви се верува. Работи многу напорно за да им помогне на луѓето. Му благодарам на моето семејство, на моите деца, тие се извонредни деца. Ви благодарам на сите.“
Трамп му честита и на неговиот кандидат за потпретседател, Џеј-Ди Венс, кој, како што кажа, прифаќал да оди во непријателските кампуси, односно медиуми блиски до демократите, што другите се колебале да го направат.
„Ви благодарам за довербата и мислам дека го направивме најголемото враќање во историјата на САД и под водство на Трамп нема да престанеме да се бориме за вас и за иднината на вашите семејства. Ќе го направиме најголемото враќање на економијата во САД под водство на Доналд Трамп“,
Трамп се заблагодари на своите поддржувачи особено посочувајќи го технолошкиот магнат Илон Маск за кого рече дека е новата ѕвезда, а ја спомена и политиката кон политиката кон имигрантите.„Ова е најдобрата земја во светот и ќе ја направиме уште подобра, ќе ги запечатиме границите. Сакаме да доаѓаат луѓе во земјата, но мора да доаѓаат легално“, рече Трамп во своето прво обраќање.