Американскиот претседател Доналд Трамп слета во Шкотска на четиридневна посета која вклучува средби на високо ниво.
Посетата на Трамп е неофицијална и во голема мера поврзана со голф. Веднаш по пристигнувањето, тој го пофали британскиот премиер Кир Стармер како „добар човек“ и ја нарече нелегалната имиграција „ужасна инвазија што ја убива Европа“.
Групи народ се собраа на аеродромот Прествик во Ершир под силно обезбедување. „Ми се допаѓа вашиот премиер. Тој е малку полиберален од мене, но е добар човек, склучи трговски договор. Тоа е добар договор за Обединетото Кралство“, им рече Трамп на новинарите.
Се очекува дуото да разговара за потенцијалните измени во трговскиот договор меѓу САД и Велика Британија, кој стапи на сила минатиот месец.
Американскиот претседател се осврна на нелегалната имиграција и упати остро предупредување до европските лидери. „Подобро да се снајдете или повеќе нема да ја имате Европа. Мора да се снајдете“, рече тој. „Дозволувате ова да им се случи на вашите земји и мора да ја запрете оваа ужасна инвазија. Имиграцијата ја убива Европа. Некои европски лидери не дозволија нивните земји да бидат нападнати, нема да ги именувам, и тие не добија доволно признание за тоа“, рече тој.
Тој исто така рече дека ниту еден нелегален мигрант не влегол во САД во последниот месец.
Тој беше критичен и кон инсталирањето на ветерници низ целиот континент. „Стопирајте ги ветерниците. Ги уништувате вашите земјишта. Тажно е да летате и да ги гледате овие ветерници насекаде, тие ги уништуваат вашите прекрасни полиња и долини и убиваат птици“, рече тој.